Доналд Трамп изјави дека има намера да го смени името на Денали, највисоката планина во Северна Америка лоцирана во Алјаска. Трамп вети дека името, дадено од домородното население, ќе биде заменето со она дадено во чест на Вилијам Мекинли, 25-тиот претседател на САД убиен во атентат во 1901 година.
Поранешниот претседател Барак Обама, демократ, во 2015 година официјално ја преименува планината Мекинли во Денали, по барање на жителите на Алјаска. Со тоа завршија децениските спорови околу името на оваа планина, која официјално се нарекуваше Мекинли од 1917 година.
– Тие го одзедоа името на планината Мекинли, изјави Трамп на конференција за конзервативци во Феникс. „Тој беше голем претседател“, рече Трамп и додаде дека неговата администрација „ќе го врати името на планината Мекинли, затоа што, „тој го заслужува тоа“.
Највискиот врв на планината е над 6.100 метри и првпат е именуван како Мекинли откако во 1896 година еден трагач по злато кој го истражувал регионот слушнал дека Мекинли, поддржувач на Законот за златниот стандард во САД, бил номиниран за претседателски кандидат од Републиканската партија.
Планината се нарекува Денали по указ потпишан од Обама во 2015 година, со образложение дека Мекинли никогаш не ја посетил планината и немал „значајна историска врска со планината или со Алјаска.“
Денали, локалното атабасканско име што значи „Високиот“, државата Алјаска го предложи како официјално име на планината во 1975 година. Државата потоа со децени бараше кај федералната влада и Советот на САД за географски имиња именувањето да се официјализира и на федерално ниво.
Сенаторката од Алјаска, Лиза Мурковски, републиканка, е против планот на Трамп да се врати претходното име на планината.
– Само едно име е достојно за највисоката планина во Северна Америка: Денали – Големиот, напиша Мурковски во објава на социјалната мрежа „Икс“.
Пред да стане претседател во 1897 година, Мекинли, кој два мандати служеше како гувернер на Охајо, ги предводеше САД до победа во Шпанско-американската војна и ги зголеми заштитните тарифи за поддршка на американската индустрија, се наведува на веб-сајтот на Белата куќа.