Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека би можел да ги намали царините за кинески производи на 80 отсто – значително пониско од актуелната стапка од 145 отсто, но сè уште повисоко од очекувањата на бизнис-заедницата.
Во објава на својата платформа „Truth Social“, Трамп напиша: „Царините од 80 отсто за Кина изгледаат сосема коректно! За Скот Б.“ – алудирајќи на американскиот министер за финансии Скот Бесент, кој викендов ќе оствари средби со кинески претставници во Швајцарија.
Иако ова најавено намалување претставува олеснување во однос на сегашните екстремно високи тарифи, аналитичарите предупредуваат дека 80 отсто и понатаму би било обесхрабрувачка стапка за трговијата. За споредба, во трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија објавен во четвртокот, основната царинска стапка е 10 отсто.
Не е јасно дали предложената стапка од 80 отсто би била трајна или дел од поширока преговарачка стратегија. Во друга објава, Трамп изјави: „Многу трговски договори се во подготовка – сите се добри (ОДЛИЧНИ!)“.
Кина е клучен економски партнер на САД, со извоз од 143,5 милијарди долари во 2024 година и увоз од 438,9 милијарди долари. Но, односите меѓу Вашингтон и Пекинг се затегнати, особено по воведувањето на взаемни царини над 100 отсто во последните месеци.
И покрај оптимистичките најави, не се очекува дека претстојните разговори во Швајцарија ќе доведат до целосен договор. Американскиот трговски претставник Џејмсон Грир изјави дека приоритет е постигнување „стабилност“, што може да биде основа за подлабоки реформи.
Последните податоци покажуваат значителен пад на обемот на стока која се испорачува од Кина кон САД, што отвора прашања за можен раст на цените или недостиг на одредени производи во наредниот период. Трамп пак, не ја исклучува реториката на притисок: „Кина треба да го отвори своето пазариште за САД – тоа би било многу добро за нив! Затворените пазари повеќе не функционираат!“.
Новите најави може да значат пресврт во неговата трговска политика, која досега беше заснована на агресивни царински мерки и притисок врз странските економии.