Наместо „Марш за ангелите“, денес во Кочани, шест месеци по трагедијата, ќе се одржи црковен помен на вечните почивалишта на жртвите на големиот пожар во дискотеката Пулс. Овој гест е симбол на болката и тишината што останаа по една од најголемите цивилни трагедии во поновата македонска историја.
Трагедијата се случи во ноќта меѓу 16 и 17 март 2025 година, кога околу 2:30 часот наутро избувна пожар во ноќниот клуб. Причината за пожарот, според првичните извештаи, биле пиротехнички средства кои запалиле запалив материјал на таванот. Во рок од неколку минути, клубот бил зафатен од огнот, а присутните, главно млади луѓе, немале време за бегство.
Во трагедијата животот го загубиле 62 лицa, додека пак 193 биле повредени. Ова претставува најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и најсмртоносниот пожар во Европа по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија во 2015 година.Пожарот откри сериозни системски пропусти – клубот немал доволно излези, работел без важечка дозвола и не бил адекватно инспектиран. Овие пропусти покренаа лавина реакции, протести и маршеви низ целата држава.
Во месеците по трагедијата, граѓаните на Кочани, семејствата на жртвите и поддржувачи од целата земја организираа „Маршеви за ангелите“, барајќи правда и одговорност. Последниот марш се одржа во август, а пораки како „Нема прошка!“ и „За нашите деца – бараме правда!“ одекнуваа на улиците.
Истрагата откри дека меѓу осомничените има 34 лица, вклучувајќи поранешен министер, полициски службеници, локални инспектори и сопственикот на клубот. Сите се сомничат за сериозни прекршувања – од фалсификувани дозволи до пропуштање на службена должност. Доколку вината им се докаже, казните можат да достигнат и до 20 години затвор.
Сепак и покрај големиот број осомничени, перцепцијата на јавноста е дека правдата се спроведува споро, а многу граѓани ја обвинија Владата за неажурност и непостапување навреме. Здружението „16 март 2025 – Кочани“ сè уште активно се бори да не згасне вниманието кон случајот. Родителите на жртвите често истакнуваат дека не бараат одмазда, туку правда, вистина и одговорност.
Додека институциите бавно го процесираат случајот, заедницата не заборава. Помени, маршеви и активизам стануваат дел од новата колективна меморија на Кочани. Иако маршот во септември ќе биде заменет со тивок помен, пораката останува иста – „Ќе чекате колку што треба, ама правда мора да има!“