На 16 март 2025 година, Македонија се разбуди со веста за големиот пожар во дискотеката „Пулс“ кој однесе 61 живот, а 163 лица беа повредени. Оваа катастрофа не беше само локален инцидент – таа го разбуди целиот регион, отворајќи болни прашања за безбедноста, одговорноста и иднината на младите во Кочани.
Последните месеци, Кочани стана симбол на младинскиот револт – но не само како израз на гнев, туку како поттик за длабоки и суштински промени. Во првите денови по трагедијата, емоциите беа сурови и неконтролирани: бес, лутина, неверување. Но, она што започна како гнев, брзо прерасна во желба за акција, решеност за промени и нова младинска енергија што не сака само да се жали, туку да изгради нешто подобро. Денес, младите во Кочани не зборуваат само за трагедијата – зборуваат за иднината.
Ова не е веќе моментален револт, туку движење. Тоа е желба да се создаде средина каде младите ќе бидат слушнати, каде нивните идеи ќе имаат простор да растат, а нивниот глас ќе значи нешто повеќе од статус на социјалните мрежи. Од болката и загубата, се роди силна волја за промени, волја што може да го обликува не само Кочани, туку и цела генерација.
За младите во Кочани пред и по трагедијата зборувавме со две храбри девојки, Христина и Рената, двете сведоци на настаните, волонтерки на Црвениот крст и на Support Kocani.
– Ноќта започна како и секоја друга – музика, енергија, пријателски разговори. Меѓу присутните беше и групата пријатели кои се вратија во Кочани специјално за настапот на ДНК.
-Бевме на првата маса, веднаш пред вратата. Кога почна пожарот, Панчо викна: Има пожар, излегувајте сите надвор!– тогаш сè се случи толку брзо, како сцена од филм што не можеш да го паузираш, сведочи Христина Христова од Support Kocani.

Стампедо, паника и црн чад
Во првите мигови, никој не сфати што се случува.
„Прво мислевме дека е само некаков сценски ефект, нешто минливо. Но, кога ги видовме првите знаци – гушлив чад, паниката во очите на луѓето – дури тогаш станавме свесни дека е сериозно. Излегувавме брзо, но кога ја преминавме улицата, почнавме да гледаме како пожарот се шири. Тогаш видовме сцени кои никогаш нема да ги заборавиме.“
Борба за живот
На улицата пред дискотеката, хаосот бил уште поголем.
-Изгорени лица бараа помош. Луѓето плачеа, викаа, се обидуваа да помогнат. Јас останав во болницата цела ноќ – им ја даваме првата помош, им вадевме накит, ги ладевме со вода. Оние што беа по малку во шок, само тивко молчеа.Во моментот таа вечер сите што бевме заедно на маса бевме неповредени. Но изгубив блиска пријателка, со која десет години бев во играорна. Бевме многу блиски. За нејзината смрт дознав утредента…раскажува Христина.
Животот после трагедијата
Градот Кочани не е ист.
– Секој ден изгледа нормално – луѓето одат на работа, градот е раздвижен – но таа тежина, таа празнина, останува.„Тие што беа директно засегнати – семејствата на загинатите, повредените – ја носат најголемата болка. Но секој млад човек во Кочани чувствува гнев, револт, потреба за промени- вели таа.
Support Kocani: Светлина во темнината
Во деновите по трагедијата, група млади се здружија и создадоа платформа за помош.
-Сите се чувствувавме беспомошно. Support Kocani беше единственото нешто што ни даваше сила. Собравме средства за повредените, отворивме младински центар за психолошка и финансиска поддршка. Тоа беше начин да покажеме дека младите во Кочани имаат глас – објаснува Христина.

Младите бараат промени
Трагедијата го засени матурантскиот период на генерацијата 2025.
-На никој не му беше до славење на матура. Никој не го споменуваше тоа. Секој сака да го поминува времето со неговите најблиски во добро здравје и да биде со нив, додека пак матурата не е во преден план. Никој нема желба за да зборуваат за матура или да слават матура. Јас сум матурантка и нема да прославам матура. Имавме наши блиски, имавме наша соученичка што почина и сметавме дека не е хумано да го направиме тоа. Од друга страна, и ние самите не можеме да се соочиме со тоа дека ние ќе отидеме да славиме, да се веселиме, а нашата соученичка нема да биде меѓу нас. Или ќе отидеме ние да бидеме среќни и да танцуваме, да се веселеме, додека некој дома плаче- вели за Трн матурантката Рената Спасова.
Поддршка и надеж
Support Kocani продолжува со својата работа.
– Првата тура компресивна облека беше исплатена, втората е во подготовка. Купивме хипербарична комора за подобро дишење. Сега работиме на реновирање на болничкиот оддел за уво, нос и грло, бидејќи условите се катастрофални. Можеби сме мала заедница, но оваа трагедија нè научи дека мора да се бориме за подобра иднина. Нашата цел е да покажеме дека младите се важни и дека оваа трагедија нема да биде заборавена без суштински промени – вели Христина.
Трагедијата во Кочани остави длабоки траги, но истовремено покрена важни прашања за безбедноста во јавните објекти, одговорноста на институциите и поддршката за жртвите. Борбата за правда и рехабилитација продолжува.
Васко Лазаревски
Адријана Георгиев