Трагедија во Шпанија: Судир на два брзи воза, најмалку 21 загинат и 30 тешко повредени

Најмалку 21 лице загина, а десетици се повредени во тешка железничка несреќа во јужна Шпанија, откако два брзи воза излетаа од шините и се судрија во Андалузија.

Најмалку 21 лице го загуби животот, а 30 се здобиле со тешки повреди во неделата навечер, кога дошло до излетување од шините и судир на два брзи воза во близина на местото Адамуз, во јужна Шпанија. Информацијата ја потврдија полициски извори за агенцијата Ројтерс.

Несреќата се случила во 19:39 часот, кога последните три вагони од возот на операторот Iryo, кој сообраќал на релација Малага – Мадрид, излетале од шините и удриле во воз на Renfe, кој се движел по соседниот колосек во спротивна насока.

Вагони излетале и паднале од насип

Од ударот, два вагони од возот што патувал кон Хуелва исто така излетале од шините, се превртеле и паднале по насипот. Причината за несреќата засега не е позната.

Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте изјави дека е „навистина чудно“ што до искочување дошло на рамен дел од пругата, кој бил обновен во мај минатата година.

Евакуација и болничка грижа

„Сите повредени на кои им беше потребна болничка нега се евакуирани. Станува збор за 30 лица со тешки повреди, кои се пренесени во болници“, изјави Пуенте на прес-конференција одржана на железничката станица Аточа во Мадрид.

Шпанската државна телевизија TVE објави дека меѓу загинатите е и машиновозачот на еден од возовите. Вкупниот број на повредени, според истите извори, достигнува околу 100 лица.

„Ноќ на длабока тага“

Премиерот на Шпанија, Педро Санчес, на социјалната мрежа X напиша дека земјата минува низ „ноќ на длабока тага“, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.

„Ниту еден збор не може да ја ублажи ваквата болка, но целата нација е со вас во овие исклучително тешки моменти“, порача Санчес.

Прекин на железничкиот сообраќај

Возот Freccia 1000 на Iryo превезувал 317 патници, соопшти италијанската државна железничка група Ferrovie dello Stato, која е мнозински сопственик на операторот. Компанијата изрази длабоко жалење и соопшти дека се активирани сите итни протоколи во соработка со надлежните служби.

Во возот Alvia на Renfe имало околу 100 патници, а според весникот El País, во моментот на судирот се движел со брзина од околу 200 километри на час.

Државната компанија за управување со железничката инфраструктура Adif објави дека сообраќајот на брзите возови меѓу Мадрид и градовите во Андалузија (Кордоба, Севиља, Малага, Гранада и Хуелва) ќе биде прекинат најмалку до понеделник, 19 јануари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни