Трагедија во Јапонија: Обилните снежни врнежи однесоа најмалку 35 животи

Со недели обилни снежни врнежи ја парализираат Јапонија. Најмалку 35 загинати и речиси 400 повредени, најчесто при чистење снег од покриви и дворови.

Со недели континуирани и обилни снежни врнежи го зафатија Јапонија, при што најмалку 35 лица го загубија животот, а речиси 400 се повредени, соопштија јапонските власти. Најголем дел од жртвите настрадале додека се обидувале да го исчистат снегот околу своите домови, предупредувајќи на сериозните ризици што ги носат екстремните зимски услови.

Според официјалните податоци, 126 од повредените се со тешки телесни повреди. Несреќите се регистрирани главно во северните и централните делови на земјата, каде што снегот во одредени региони достигнал висина и до два метра. Снежните бури погодиле најмалку 15 префектури, а во најзагрозените подрачја веќе се испратени специјализирани тимови за итна помош и расчистување.

Властите информираат дека повеќето смртни случаи се последица на падови од покриви и скали додека граѓаните се обидувале да го отстранат наталожениот снег. Забележани се и случаи на ненадејни срцеви удари, што дополнително ја нагласува опасноста од физички напор во екстремни услови.

Во градот Уонума, во префектурата Ниигата, позната по производството на ориз, маж во педесеттите години бил пронајден без знаци на живот на покривот од својот дом. Во Нагaока, пак, се сомнева дека маж во седумдесеттите години починал откако паднал додека чистел снег од кровот.

Иако температурите во делови од земјата постепено растат, надлежните предупредуваат дека наглото топење на снегот може да предизвика одрони и поплави. Главниот секретар на јапонската влада, Минору Кихара, апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни.

„Ве молиме да ја ставите сопствената безбедност на прво место. Користете заштитна кацига или безбедносно јаже, особено при чистење на снег од покривите“, изјави Кихара.

Иако причините за овие екстремни снежни врнежи сè уште не се целосно разјаснети, ваквите трагедии не се редок феномен во Јапонија. Според јапонската Агенција за управување со пожари и катастрофи, во текот на минатата зима, во период од шест месеци, од последици поврзани со снегот животот го загубиле 68 лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни