Најмалку девет лица го загубија животот денеска, а 18 се повредени во стампедо во храм во јужната индиска држава Андра Прадеш, изјави државен службеник.
Стампедото се случи кога толпа верници се собраа во храмот Шри Венкатесвара Свами во градот Срикакулам на Екадаши, ден што Хиндусите го сметаат за среќен. Ќе се спроведе истрага за трагичниот инцидент, изјави Паван Калјан, заменик шеф на државата.
Тој додаде дека храмот го управуваат приватни лица и дека девет лица загинале.
„До 25.000 верници влегоа во храмот, кој може да прими само околу 2.000, што доведе до несреќата“, изјави државниот министер Анам Раманарајана Реди, додека на окружните службеници им беше наредено да им пружат медицинска помош на повредените.
Функционерот на округот Срикакулам, Свапнил Динкар Пундкар рече дека досега се регистрирани вкупно 18 повредени, а двајца критично повредени пациенти се префрлени во болница на лекување.
Индискиот премиер Нарендра Моди на социјалната платформа Икс објави дека Владата ќе исплати отштета од 200.000 рупии (околу 1.950 евра) на семејствата на загинатите и 50.000 рупии (околу 488 евра) на семејствата на повредените.