Трагедија на Меконг: Потона туристички ферибот во Лаос, има жртви и исчезнати

Туристички ферибот потона на реката Меконг во Лаос при судир со подводни карпи. Дел од патниците се спасени, но има загинати и исчезнати лица.

Патувањето по реката Меконг во Лаос, кое за повеќе од сто туристи требало да биде идилично искуство, минатиот четврток се претворило во борба за живот кога фериботот на кој пловеле се превртел и потонал. Во хаосот што следел, поголемиот дел од патниците биле спасени, но по три лица сè уште се трага, а сцените на паника и врисоци го обиколија светот, пишува BBC.

Бродот пловел по популарната рута од градот Хуај Ксај до историскиот Луанг Прабанг во северен Лаос. На него се наоѓале 118 туристи и 29 локални жители, меѓу кои и четворица членови на екипажот, кога, според официјалниот извештај, удрил во подводни карпи. За само неколку минути, фериботот почнал да тоне.

„Само 15 елеци за спасување“

Антонин, 30-годишен француски државјанин, се нашол во центарот на драмата. Тој раскажал дека екипажот не бил подготвен за вакво сценарио.

„Екипажот беше целосно неподготвен. Имаше многу забуна… сè се случи многу, многу брзо“, изјави тој.
„Она што беше збунувачко и алармантно е што имаше многу малку елеци за спасување – најмногу околу 15. Тоа беше навистина лошо.“

Додека бродот тонел, патниците очајно повикувале помош од блискиот брод, но тој не застанал. За среќа, друг, поголем брод притрчал на помош. Сепак, според зборовите на 27-годишниот британски турист Бредли Кук, доаѓањето на спасувачкиот брод накратко „ја влошило ситуацијата“.

Тој објаснил дека луѓето почнале да се движат кон едната страна на фериботот, поради што водата уште побрзо навлегувала во трупот. Кук успеал да се искачи на покривот и да скокне на спасувачкиот брод. Некои патници се префрлиле, други допливале до него, а останатите биле извлечени од водата.

Трагичната судбина на мајка и деца

Антонин се присетува дека, во моментите кога се обидувал да го спаси својот багаж, видел мајка од Лаос со две мали деца. Подоцна, кога бил на безбедно, сфатил дека ги нема.

„Некои луѓе плачеа, паничеа. Беше хаос“, рече тој.
„Не се плашев за својот живот… повеќе ме погодија трите исчезнати лица.“

Лаоските медиуми подоцна објавија дека е пронајдено телото на жена идентификувана како Пани Хер, како и телото на едногодишно дете. Потрагата по второто дете сè уште трае.

Деветнаесетгодишниот Габриелиус Барановичиус од Литванија раскажа дека тој и неговиот пријател на почетокот не паничеле.
„Само се шегувавме“, изјави тој, но ставот му се променил кога сфатил дека бродот навистина тоне.

Откако се качил на спасувачкиот брод, почнал да снима, но кога ги слушнал врисоците на другите луѓе, ја исклучил камерата и веднаш почнал да им помага на оние во водата да се искачат на бродот.

„Застрашувачко искуство“

Рутата долга 300 километри што ги поврзува Хуај Ксај и Луанг Прабанг е исклучително популарна и секоја година ја користат десетици илјади туристи. За Бредли Кук, ова искуство било „застрашувачко“ и го поттикнало што побрзо да го напушти Луанг Прабанг, бидејќи градот постојано го потсетувал на несреќата.

Тој изјави дека планира да поднесе барање до осигурителната компанија поради уништената опрема и изгубените пари.

За жал, ова не е прва ваква трагедија во Лаос. Во септември 2023 година, патнички брод на истата рута се превртел во реката Меконг, при што загинале три лица. Тогаш бродот наводно се заплеткал во рибарска мрежа, ја изгубил контролата и се превртел поради силните струи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни