Најмалку едно лице загина, а 27 се повредени во тешка автобуска несреќа на шпанскиот остров Ла Гомера, дел од Канарските Острови, соопштија службите за итни случаи. Автобусот, во кој патувале британски туристи, излетал од патот и се стркалал по стрмна падина во Атлантскиот Океан. Несреќата се случила во петокот попладне во близина на главниот град на островот, Сан Себастијан де Ла Гомера, на патот GM-2.
Според информациите, во автобусот имало 27 патници – 24 возрасни и тројца малолетници. Сите биле повредени, а дел од нив се здобиле со потешки повреди. Двајца мажи, на возраст од 73 и 42 години, првично биле пренесени во локалната болница „Нуестра Сењора де Гвадалупе“, а потоа со хеликоптер биле итно префрлени во медицински установи на Тенерифе.
На местото на несреќата интервенирале бројни служби, меѓу кои болничари, пожарникари и припадници на Цивилната гарда, додека спасувачки хеликоптер учествувал во евакуацијата на повредените. Причината за несреќата засега не е позната, но првичните фотографии покажуваат дека автобусот излетал од патот на остра кривина.
Групата туристи претходно престојувала во одморалиште во Плаја Сантијаго и се упатувала кон пристаништето во Сан Себастијан де Ла Гомера, од каде требало да се качи на ферибот за Тенерифе. Британската министерка за внатрешни работи Ивет Купер изрази сочувство до погодените, нагласувајќи дека владата е во контакт со локалните власти и е подготвена да им помогне на британските државјани и нивните семејства.
Истрагата за причините на несреќата е во тек.