Најмалку четири лица загинаа, а неколку други се повредени во серија лавини што денес ја погодија северна Италија, соопштија италијанските служби за спасување.
Во алпскиот регион Валтелина, лавина зафатила тројца скијачи, при што две лица загинале. Италијанската планинска служба за спасување во Трентино пријави уште две одделни лавини, во кои животот го загубиле по едно лице.
Инцидент е регистриран и во долината Аоста, на границата со Швајцарија и Франција, каде што лавина повлекла две лица од група од пет скијачи. Благодарение на соодветната заштитна и лавинска опрема, тие успеале сами да се ослободат од снегот и да преживеат.
Сите несреќи се случиле во ден кој бил означен како високоризичен за појава на лавини, при што била активна третостепена тревога од вкупно пет степени на европската скала за опасност од лавини.
Надлежните служби повторно апелираат до љубителите на зимските спортови да ги почитуваат предупредувањата и да избегнуваат движење во високопланинските области за време на зголемен лавински ризик.
Извор: Hina
