Tрагањето по домот го носам од секогаш во себе – Енис Хилми за Тото, градовите и тивките мигови што остануваат

Она што е најважно од сè е да сме со отворен ум и срце. Да патуваме со ширум отворени очи. Да ја препознаваме убавината и добрината.  И да не престанеме да се радуваме на туѓата среќа. И многу, многу да ги сакаме животните и природата. Се друго е небитно.

На само неколку дена пред промоцијата на новата книга Само уште еден скок“, разговараме со Енис Хилми, авторка чии раскази секогаш се движат по тенката линија помеѓу топлината и тагата, духовитоста и болката, реалното и интимното. Овој пат, инспирацијата доаѓа од Тото, нејзиниот златен ретривер, чија приказна станува и приказна за загубата, домот, пријателството и невидливите нишки што нè поврзуваат со местата и суштествата што ги сакаме.

Напишана во Истанбул, веднаш по неговото заминување, книгата е искрена, ранлива и полна со љубов — токму онаква каква што ја очекуваме од Енис. Во разговорот што следи, таа ни открива дел од процесот, градовите меѓу кои живее, значењето на домот и местото на пишувањето во нејзиниот живот.

Трн: На 12 декември е промоцијата на твојата нова книга. Можеш ли да ни откриеш нешто за темата, формата или градовите што ќе се појават во неа?

Енис: Темата е  Тото. Златниот ретривер со златно срце и златен карактер. Нарацијата е на Тото, а градот е неговиот Охрид. Книгата ја напишав во Истанбул, во еден здив.

Непосредно после смртта на Тото.

Бев скршена од болка,  кога едно утро,  сестра ми тивко ми тропна на вратата, да ме потсети,  дека точно десет дена, не сум излегла од дома. Ма каква дома. Јас едвај излегував и од соба.

И не излегов јас и во наредните денови. Но барем  ги избришав солзите , ја подголтнав грутката и го отворив лаптопот.

Трн: Ќе се враќаш ли повторно во Берлин како главна сцена или можеби Охрид ќе ја преземе таа улога?

Енис: Во книгата на Тото или  за Тото, целокупното дејствие е лоцирано во Охрид. И можеби малку и во Скопје. А Берлин мене не  ми бега. Ниту како сцена. Ниту како живот.

За Тото пак, Берлин е ноќната мора .  Градот за кој одвреме навреме скришум од него ги пакував куферите. Иако во мое отсуство целиот негов „дог ситинг , беше темпиран до совршенство.

Или како што би рекол Тото: „Баш сум чуден  со времето… Кога ме остава на два часа, тоа се два часа…..но кога ме остава на две минути, тоа се повторно два часа… “

Е сега како му било без мене, во времето кога го оставав на две /три недели , тоа само тој си знае.

Сакам да верувам дека му биле повторно два часа.

Трн: Потекнуваш од Охрид, студираше во Истанбул, живееше и работеше во Скопје, патуваше и живееше долго време на релација Охрид–Берлин. Како овие три „домови“ го изградија твојот авторски глас?

Енис: Секој од градовите со својата убавина и приказна.

 Но нешто чудно ми се случи со  Берлин. Кога своевремено го открив  овој град, едноставно занемев. И се фиксирав.  Наидов на град направен апсолутно по мерка на човекот. И на понекое од поздаборавените односно избришаните кај нас социјалистички вредности. Дека е центарот на светот, за делот за културата, тоа  го знаев . Дека има многу, многу природа и тоа го знаев. Но дека ќе ми се случи таква топлина и тоа среде зима во сивилото , тоа ни на  сон не го претпоставував. Едноставно градот ме прегрна и грабна.

И веднаш престанав односно ги сведов на минимум  патувањата по други градови.

А домот…домот никогаш не сум го поимала  како едно  исклучително место за живеење. Баба ми по татко, позната по својот немирен дух и честите патувања, знаеше да каже: „Ќерко, домот ти е меѓу ушите.“

Ќе си свариш една супа.Ќе пуштиш музика, ќе свртиш два телефона , ќе запознаеш два тројца  локалци, кои ќе ти станат пријатели чиниш од раѓање сте заедно, и ооопппп дома си.

Додуше во некоја нова, паралелна и колку и да е краткотрајна, но сепак е некаква  дома.

Мислам дека трагањето по домот го носам од секогаш во себе.

Е сега дали е тоа некоја траума , генетика , к’смет или едноставно така ми е убаво, тоа треба некој психокоучер да го каже наместо мене. Хахахахахаха

Трн: Кога сфати дека пишувањето не е само хоби, туку нешто што може да стане професија?

Енис: Од секогаш сум сакала да пишувам. И да читам. Со најголемо уживање.  Што би рекла сестра ми: „ти не читаш, ти голташ„.

Пишувањето ми е  сепак само хоби. Терапевтско хоби. Хахахаха.

Малку поинтензивно му се вратив на пишувањето за време на короната. Тото ме спаси. Но и пишувањето ме спаси.

Еве како почна се. Растев билингвално . За љубовта кон јазикот и книгите, првично се заслужни моите родители, кои  ги бираа охридските школи според фактот  каде наставниците по македонски јазик биле најдобри. Потоа следеше мотивацијата од типот…џабе ти се другите петки додека македонски не  ти е петка…па кога стигаа петките…следеа прашањата… кога ќе читаш на разглас …па дали и кога ќе ти објават и.т.н.

Инаку нашата семејна куќа на  охридскиот плоштад, што заради локацијата,што заради професијата и исклучителните социјални вештини на моите родители,  беше врталиште и на новинари , филмаџии, поети и писатели. Та така не ретко, во нашиот двор, лектирите морав да ги прераскажувам пред  авторите.

На коцките од калдрма, под дрвото од кајсија.

Каков стрес за едно интровертно дете како мене, но и каква привилегија.

Паметам и тоа  кога  во гимназиските денови за некоја пофалба за есејот за „Странецот„ или пак „Антигона“, татко ми ме награди со одење по книжарите во Охрид. Патем беа вкупно пет книжари, супер опремени во радиус од петстотини метри, и само ми рече: „Купувај книги колку сакаш“. Дотогаш си купував јас, не дека не, но тоа беа  по една две, а и библиотеката ми беше главното врталиште. Бев по природа многу скромно дете, но тој ден одеднаш се почувствував како Алиса. Којзнае колку саати сум останала  и колку сум се премислувала околу изборот.

Ах каква среќа од ден беше тоа…..

Сметам дека тоа беше родителскиот умен начин да пренесат дека познавањето и љубовта кон јазикот на општеството на кое му припаѓаме,  е столбот за се понатака. Особено кога се расте билингвално.

Подоцна низ работниот век чинам доста добро го совладав и административното пишување. Ма какво совладување. Го обожував. И подоцна по малку му се посветив и на новинарското пишување.

Трн: Во наградената збирка „Градот што не го засакав на прва“ Берлин е присутен како сцена, но и како метафора. Како се трансформираше твојот однос кон градот за време на пишувањето?

Енис: Берлинските раскази се пишувани одамна. Кога градот го гледав со розови очила. Но ниту Берлин е ист , ниту пак јас. А и наочарите којзнае во која фиока дремат. Така да можеби е време и за  контра приказни.

Сепак јас толку многу го засакав и се навлеков на Берлин, што до ден денес ми стана прибежиште. Поточно едно од оние прибежишта, што се  ем на дофат, ем недостижни.  

Точно како во есејот на Херман Хесе со истоимениот наслов.

Трн: Твојата проза е и топла и иронична и носталгична и критична. Колку е тешко да се одржи тој баланс?

Енис: Немав никаква тенденција  да го барам или бркам  балансот. Само бев искрена до срж. И балансот сам по себе се случи. Но можеби помогна фактот дека  додека пишував, бев тотално растеретена од мислата, дека некогаш нешто ќе објавам. Тоа не ми беше ни на крај на памет. Иако низ годините, ги слушав сите околу мене, како упорно ме убедуваат да објавувам.

Потоа се случи и конкурсот и стигна и куражот од „Окно“ и „Темплум“.

И конечно го притиснав копчето сент. 

Трн: Во расказите често се појавува чувството на дом и недом. Што е за тебе „дом“ денес?

Енис: Раатот. Фрекфенцијата на балансот. Мирисот на спокојот.  Природата. Чувството дека не си сам иако понекогаш си решил да живееш  сам. Отсуството на немир и страв. Впрочем тоа е мојот најголем страв. Страв од стравот.

Трн: Како гледаш на современата македонска книжевна сцена? Што ти недостасува, а што те радува?

Енис: Што се однесува до творештвото ништо не ми недоставува. Напротив. Има толку многу добри нешта за читање, што не се постигнува.  Кога споредувам со Берлин она што можеби најмногу ми  фали се книжевни агенти. Некој кој би го туркал делото и понатака.

Ако тоа го заслужува, се разбира.

Трн: Имаш ли литературни влијанија или автори што ти се „домашна школа“?

Енис: Не ги делам авторите на домашни и странски. Сакам да читам се што е за мене добро. И тоа го чувствувам уште од првата страница.

Трн: И конечно — што би сакала читателите да понесат со себе по читањето на твоите книги?

Енис: Она што е најважно од сè е да сме со отворен Она што е најважно од се е да сме со отворен ум и срце. Да патуваме со ширум отворени очи. Да ја препознаваме убавината и добрината. 

 И да не престанеме да се радуваме на туѓата среќа.

И многу, многу да ги сакаме животните и природата.

Се друго е небитно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни