Традиционалните змејови исчезнуваат од небото над Индија

Земјовите како една од најстарите индиски традиции полека исчезнува, оттурната од дигиталниот живот, екстремните жештини и опасните конци што ја претворија старата игра во сè поризична практика.

Една од најстарите и најпрепознатливи традиции во Индија, летањето змејови, полека исчезнува. Некогаш оваа практика била дел од празниците, натпреварите и секојдневието во многу индиски градови, а денес сè почесто останува само како спомен. Има повеќе причини за исчезнување на оваа традиција: дигиталниот живот ги оттурна луѓето од крововите и отворените простори, екстремните жештини го прават престојот надвор сè потежок, а опасните конци што се користат во борбите со змејови создадоа и страв поради сериозни несреќи и смртни случаи.

Потеклото на летањето змејови во Индија не е сосема прецизно утврдено, но според една од почестите претпоставки, змејовите пристигнале од Кина преку будистички мисионери и трговските патишта на Свилениот пат. Авторката Никита Десаи, во изјава за BBC, вели дека патувањето на змејот низ регионот било посебна културна експедиција. Таа потсетува дека змејовите се спомнуваат уште во најраните записи поврзани со Намдев, индиски поет-светец од 12 век.

Во Индија, летањето змејови со векови не е само детска игра. За време на Денот на независноста, но и на фестивали како Утарајан, небото над градовите традиционално се полни со бои, а крововите стануваат место каде се собираат семејства, соседи и цели заедници. За многумина тоа е чувство на слобода, блискост и заедништво.

Во некои средини, оваа традиција се развила и во вистински натпревар, со борби меѓу змејови во кои целта е да се пресече конецот на противникот. Оваа борба бара брзи рефлекси, чувство за рамнотежа, точен агол на држење и способност да се предвиди следниот потег на противникот, речиси како во бокс.

Но, токму оваа традиција денес се соочува со тивко исчезнување.

Во стариот Делхи, Сајед Џамалудин за BBC раскажува дека летањето змејови во Индија денес умира како уметност. Тој е син на една од легендарните фигури на оваа сцена. Пред околу три децении, неговиот татко успеал да пушти дури 1.187 змејови на една врвка, подвиг што останал запаметен меѓу љубителите на оваа вештина. Денес, наместо таа жива сцена, остануваат старите фотографии, признанија и семејни спомени.

Промената најдобро се гледа и на пазарите. Во Лал Куан, големиот пазар во стариот Делхи, некогаш имало повеќе од 20 продавници за змејови, а денес останале само пет. Продавачот Мохамед Калид во изјава за BBC вели дека сега најмногу купувачи доаѓаат само за време на фестивали, додека во остатокот од годината интересот е значително намален. Неговиот син предупредува дека ако работите продолжат вака, семејството можеби целосно ќе се откаже од овој занает.

За време на првите години од пандемијата, змејовите накратко се вратиле во игра. Луѓето тогаш повторно почнале да ги купуваат, најмногу за да го исполнат времето додека биле затворени дома. Но тој интерес траел кратко. Штом пандемијата завршила, продажбата повторно почнала да паѓа, што само покажало дека не станува збор за вистинско враќање на традицијата, туку за привремено бегство од изолацијата.

Причините не се само економски. Локалното население тврди дека телефоните, интернетот и социјалните мрежи го смениле начинот на кој младите го поминуваат времето. Наместо на кровови и отворени простори, вниманието сè повеќе се задржува на екраните. Дополнително, климатските промени носат сè пожешки денови, па долгиот престој надвор веќе не е лесен како некогаш.

Но има и уште една, многу потемна причина поради која дел од луѓето денес гледаат со сомнеж кон оваа традиција. Станува збор за конците познати како манџа, кои често се премачкуваат со дробено стакло или други остри материјали за полесно да го пресечат конецот на противничкиот змеј. Токму овие конци во изминатите години се поврзуваат со тешки повреди и смртни случаи, особено кај мотоциклисти, велосипедисти и пешаци.

Ендоваскуларниот хирург Девендер Синг во изјава за BBC предупредува дека ако таков конец се заплетка околу вратот, може да предизвика фатални последици, бидејќи е доволно остар за да ја пресече не само кожата, туку и крвните садови. Освен за луѓето, ваквите конци се опасни и за птиците, кои исто така често страдаат.

И покрај тоа, за оние што и понатаму летаат змејови, оваа практика не е само хоби. Таа е дел од културната меморија на земјата. Змејовите во Индија не се само симбол на отпор и слобода, особено во периодите кога преку нив се испраќале политички пораки против колонијалната власт, тие биле знак на идентитет.

Затоа исчезнувањето на змејовите не е само приказна за една стара игра што излегува од мода. Тоа е приказна за губење на една слика од градскиот живот, за празни кровови и за небо што некогаш било полно со боја, движење и гласови, а денес сè почесто останува празно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни