Новиот концепт за гимназиско образование предложен од Министерството за образование покрена лавина негативни коментари од страна на наставниците во средните училишта, но и од професори на факултетите. Она што особено силно одекна во јавноста е тоа што со предложениот модел на реформи, предметот Филозофија е планирано да не биде задолжителен, туку изборен предмет. Откако беше објавена новата концепција за гимназиско образование, 31 гимназиски професор по филозофија, логика и етика упатија отворено писмо во кое ја отфрлаат понудената концепција, бидејќи според нив со отстранување на овие предмети се нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење. Еден од професторите кои оштро реагираат на предлогот е и Трајче Серафимовски е доктор по филозофски науки кој предава во скопското средно училиште „Георги Димитров“.
Од професор Серафимовски побаравме мислење за тоа колку филозофијата и етиката влијаат на фомирањето на личноста на младите денес и кој е неговиот став на предлог реформата.
Коменатрот на професор Серафимовски го пренесуваме во целост.
-Мојот основен став кон предлог-концепцијата за реформа на гимназиското образование е негативен. Самата делба на наставните предмети на редовни и изборни во себе крие неколку опасности – фокус на значајни и помалку значајни предмети; ставање во преден план на одредени проблеми подрачја на науките за сметка на други; демотивација на наставниците за работа – за една група наставници часовите се гарантирани без разлика како тие часови ќе бидат реализирани, а за друг група на наставници и при најголеми вложувања во реализација на наставата, секој септември треба да биде очекување што и колку часови ќе има; проблеми со примената на критериумите за оценување – наставникот кој ќе биде „построг“, „пообјективен“ во оценувањето го става на ризик изборот на предметот во следната учебна година, итн.
Гимназиското образование постои токму заради градењето на здраво човечко суштство под што се подразбира создавање на еднакви предуслови за физичкио и интелектуално-емоционалниот развој на секоја индивидуа.
Филозофијата низ својата историја се јавува како носител, родител на севкупното знаење на човекот, но исто така и како онаа која го предизвикува веќе востановеното, етаблираното, утврденото, создавајќи го зародишот за појавите на новите идеи и нивното обликување во ново позитивни манифестации. Нема човечко суштество кое во себе не носи филозофија, оттука секој човек не е нем набљудувач на реакторот на идеите на цивилизацијата, туку нераскинлив дел од самиот процес, секој човек води дијалог со цивилизацијата токму низ филозофијата, животот на ниту една индивидуа не може да се обликува без стекнување искуство за вечните прашања на човечкиот ум. Оттука филозофијата е првиот предмет на гимназиското образование.
Логиката е филозофска дициплина кој го отелотворува космичкото, божественото, величественото – логосот во секојдневниот живот на човекот но и во секој научен ангажман на научникот и лаикот. Таа за своја специјалност го има следењето на законитостите на логичкото следство во мислењето, таканаречената логичка страна на мислењето значи утврдување на внатрешната формула на самото мислење, како следуваат поимите, судовите и заклучоците соодветно едни од други, во секој процес на заклучување и оттука негово пројавување во комуникацијата. Мислењето манифестирано низ вербалната комуникација е она што го гради животот на човекот во светот, законите на логиката се законите на умноста без која сè е само мрак и насетување, но никогаш вистинско знаење.
Конечно етиката е филозофската дисциплина која го гради достоинството на човечкото суштество и неговата повиканост да ја потврди својата умствена природа низ доброто и како добро. Таа го дава одговорот на прашањето кое човекот го поставува – што треба да правам? – низ својата мисла и дело треба да бидеш добар и насочен кон доброто, да го потврдуваш и одново создаваш доброто, препорачуваш и позитивно оценуваш и поздравуваш. Нема човек без другите луѓе, без природата, без заедниците кон кои припаѓа, без живото и животот воопшто, оттука само низ доброто кон сите посочени референци се градиме во вистинската смисла на зборот самите себе. Етиката е суштината на човечноста, човечноста која толку е обезвреднета во мигот на нашето живеење токму заради неизучувањето на етиката во полната смисла на зборот.