Товарен авион од Дубаи излетал од пистата и завршил во море при слетување на меѓународниот аеродром во Хонг Конг рано утринава, соопштија од аеродромот, а локалните медиуми јавуваат дека во несреќата загинале две лица.
На фотографиите направени по несреќата, која се случила во 3:50 часот по локално време, се гледа товарен авион Boeing 747 со обележја на AirACT, кој е половина потопен во морето во близина на аеродромот.
Четворица членови на екипажот се спасени, соопштија од аеродромот во Хонг Конг.
Двајца припадници на обезбедувањето на аеродромот, на возраст од 30 и 41 година, загинале откако товарниот авион го турнал нивниот патролен автомобил во морето.
Авион во сопственост на товарна компанија
Пистата е затворена по несреќата, додаваат од аеродромот.
Од Обединетите Арапски Емирати соопштија дека летот EK9788 доживеал несреќа при слетување во Хонг Конг и дека се работи за Boeing 747 на турската товарна компанија ACT Airlines.
„Членовите на екипажот се спасени, а во авионот немало товар“, стои во соопштението од Емиратите.
Хонконшкиот Уред за цивилно воздухопловство соопшти дека случајот е пријавен до властите задолжени за истраги на авионски несреќи и дека ќе соработуваат во истрагата.