TOUT BLEU: Женевската авангарда со концерт во МКЦ

Швајцарскиот бенд ќе настапи на 22 октомври во Кино „Фросина“ во Скопје, носејќи хибрид од експериментален звук, пост-панк енергија и електронска поетика.

На 22 октомври во 21 часот, во МКЦ – Кино Фросина, скопската публика ќе има ретка можност да ја доживее женевската експериментална сцена преку концертот на TOUT BLEU, проект на мултиинструменталистката Simone Aubert.

Бендот, составен од Simone Aubert (глас, гитара, дрампад, синтисајзер), Luciano Turella (виола), Beatriz Raimundo (виолончело, ефекти) и POL (електроника и семплирање), претставува спој на органско и електронско, на телесен звук и ментална тишина.

TOUT BLEU започнува како личен проект на Aubert, позната по својата работа во Massicot и Hyperculte – бендови што го обликуваа новиот бран на швајцарската авангардна и DIY сцена. Од таа иста заедница произлегуваат и Bongo Joe Records и Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp, кои го поврзуваат експерименталниот звук на Женева со пошироката европска алтернативна сцена.

На концертната сцена, TOUT BLEU ја слават слободата на звукот и просторот – без ограничувања и компромиси. Нивната музика пулсира со ритмичка енергија, хипнотични гудачи и етеричен вокал што се движи помеѓу шепот и крик.
Станува збор за звучен пејзаж што се протега од кревка акустика и суптилни мелодии до експресивни електронски и пост-панк текстури.

Во живо, четворката вибрира како едно тело – истовремено ранливо и моќно – во интимен ритуал што ги спојува телото и звукот, поканувајќи ја публиката на колективно движење и внатрешен транс.

Билетите се достапни исклучиво онлајн на следниот линк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни