Најмалку едно лице загина, а десетина се повредени откако силно торнадо синоќа ја погоди општината Ермон во францускиот департман Вал-д’Оаз. Невремето остави зад себе сцени на пустош, предизвикувајќи голема материјална штета и целосен прекин на сообраќајот, јавува BFMTV.
Силниот ветер корнеше дрвја, креваше покриви од куќи и превртуваше автомобили. Особено драматични беа сцените од три срушени градежни кранови кои паднаа врз медицинско-образовен институт во Ермон, пренесува Le Parisien.
Интервенции на терен
Во спасувачките акции беа ангажирани 80 пожарникари, 50 полицајци и 20 итни медицински екипи
Тие дејствуваа на подрачјата на Ермон, како и во соседните Обон, Андији, Монморанси и Франконвил. Според префектурата на Вал-д’Оаз:
„Досега се регистрирани 324 интервенции и над 700 повици.“
Од префектурата истакнаа дека се работи за сериозен климатски настан со многу насилни и неочекувани удари на ветерот.
Потврден еден загинат, истрага за нехатно убиство
Државниот обвинител на Понтуаз, Гирек Ле Бра, ја потврди трагедијата:
„Има десет повредени и едно загинато лице – 23-годишен работник во приватна градежна фирма која работела на градилиштето.“
Отворена е истрага за нехатно убиство и ненамерни повреди на работно место.
Срушени кранови и однесени покриви
Силниот ветер собори неколку градежни кранови. Еден падна врз медицинско-социјална установа, но среќно – без жртви.
Префектурата известува и за бројни однесени покриви, а фотографиите и видеата на социјалните мрежи го покажуваат размерот на уништување.
Шокирани жители: „Како бран да падна врз мене“
Многу жители останале надвор од зоните на безбедност, чекајќи со часови. Девојка по име Лију раскажа:
„Кранот падна два прозори од нашата куќа. Брат ми ми рече да не мрднам. Неколку минути подоцна не` евакуираа. Поминаа скоро три часа. Сум под стрес, бидејќи родителите ми се заглавени во Париз.“
Жена по име Елизабет ја затекнала бурата во автомобил:
„Небото стана сиво, почна грмеж и наеднаш видов вител од лисја и силен дожд што удираше во автомобилот. Ништо не гледав, се тресеше возилото. Се застанав – мислев дека ќе ме однесе.“
Прекини во сообраќајот и струјата
Торнадото предизвика сериозни пореметувања во железничкиот сообраќај:
- Линијата RER C беше прекината поради паднато дрво врз електрични водови.
- Линиите H и C ќе имаат силно нарушен сообраќај и во текот на вторникот.
1700 домаќинства останаа без струја. Многу жители беа евакуирани и сместени во локалната спортска сала.
Претседателката на регионот Ил-де-Франс, Валери Пекрес, и министерот за внатрешни работи, Лоран Нунез, изразија поддршка за погодените и најавија дека внимателно ја следат ситуацијата.