Торнадото што ја погоди сојузната држава Парана во Бразил одзеде најмалку пет животи, а над 130 лица се повредени, соопштија тамошните власти.„
„Цивилната заштита на Парана со жалење објавува дека веќе се потврдени пет смртни случаи по торнадото што ја погоди општината Рио Бонито до Игуасу“, се вели во соопштението.
Локалната метеоролошка служба објави дека торнадото превртело автомобили и оштетило куќи во Рио Бонито до Игуасу, а спасувачката служба изјави дека според првите извештаи, „30 лица се сериозно или умерено повредени, а околу 100 се здобиле со полесни повреди“, објавува порталот Баронс.
Ветровите во Рио Бонито до Игуасу, град со 14.000 жители, достигнаа брзина помеѓу 180 и 250 километри на час, според податоците од Системот за технологија и мониторинг на животната средина на сојузната држава Парана.
Гувернерот на Парана, Ратињо Жуниор, на платформата X објави дека „безбедносните сили се во состојба на готовност, мобилизирани и ги следат градовите погодени од силните бури“.
Предупредување за опасни бури е во сила за цела Парана, како и за јужните држави Санта Катарина и Рио Гранде до Сул, соопштија метеоролозите.