Топлотен бран во Франција – 12 департмани во состојба на највисока готовност

Франција денеска, особено во јужниот дел на земјата, очекува температури од „исклучително високо ниво“, а Националниот метеоролошки институт прогласи највисока готовност во дванаесет департмани. Се предвидуваат температури над 40 °C, а на некои места и до 42 °C, објави Météo-France.

„Можно е да се приближиме до рекордни вредности и да забележиме досега невидени температури, но националниот рекорд од 48 °C веројатно нема да биде надминат“, изјави синоптичарката Кристел Робер на синоќешната прес-конференција.

Температурни екстреми и движење на топлотниот бран

Викендов повеќе региони веќе забележале температури над 40 °C: во департманот Еро 42,2 °C, во Пиринеите-Ориентали 41,3 °C, а во Гар 40,9 °C. Топлотниот бран, кој започна во петок и зафати голем дел од југот на Франција, сега постепено се движи кон север.

Повеќето делови на земјата ќе бидат над 30 °C – околу 38 °C во централниот дел и 34 °C во париската област.

Топли ноќи и продолжување на бранoт

Според утринскиот билтен на Météo-France, топлотниот бран ќе трае најмалку до 15 август. Ноќите ќе бидат особено тешки, со високи температури – во Париз за наредната ноќ се прогнозираат над 20 °C.

Ова е втор топлотен бран во Франција ова лето, по периодот од 19 јуни до 4 јули, и воедно 51-ви забележан од 1947 година. Климaтологот Жан Жузел предупредува дека ризикот од топлотни бранови во Франција денес е двојно поголем отколку пред 30 години, како резултат на глобалното затоплување кое се бележи веќе четири децении.

Пожари и штети

Во јужниот регион Од, пожарникарите вчера успеале да стават под контрола најголемиот шумски пожар од 1947 година, кој однел еден живот и уништил десетици домови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни