Топењето на мразот на Антарктикот се приближува до точката од која нема враќање

Фото: REUTERS/Natalie Thomas

Мразот на Антарктикот падна на рекордно ниско ниво оваа година поради високите температури и нема брз лек за да се поправи штетата, велат научниците во студијата за влијанието на климатските промени на континентот.

Минималната ледена покривка на континентот минатата година падна под два милиони квадратни метри за прв пат од почетокот на мерењата на сателитите во 1978 година, а овој февруари падна на уште пониско ниво, според студијата објавена во списанието Frontiers in Environmental Science.

„Ќе бидат потребни десетици години, ако не и векови, за овие работи да закрепнат. Не постои брз лек за замена на овој мраз“, вели Ана Хог, професорка на Универзитетот во Лидс и еден од коавторите на студијата.

„Тоа сигурно ќе потрае долго време, ако е воопшто можно“, нагласи таа.

Овогодинешниот минимум мраз е 20 отсто под 40-годишниот просек, што е еквивалентно на загуба на морски мраз речиси 10 пати поголем од  Нов Зеланд, рече Тим Наиш, директор на Истражувачкиот центар на Антарктикот на Новозеландскиот универзитет Викторија во Велингтон.

„Во некои случаи, се приближуваме до точките од кои нема враќање, кои, кога ќе се преминат, ќе доведат до неповратни промени со незапирливи последици за идните генерации“, предупреди Наиш.

Фото: GRID-Arendal

Глобалното затоплување поттикнато од согорувањето на фосилните горива го направи Антарктикот поранлив на екстремни настани и тоа влијание е „речиси сигурно“ дека ќе се влоши, се вели во студијата.

Климатските промени ќе ја „зголемат големината и фреквенцијата“ на топлотните бранови, колапсот на ледените плочи и намалувањето на морскиот мраз, се додава, врз основа на неодамнешните докази од научните студии за океанот околу Антарктикот, атмосферата, криосферата и биосферата.

Точното влијание на климатските промени врз Антарктикот и околниот океан е неизвесно, а научниците се мачеа да измерат колку глобалното затоплување влијае на дебелината на мразот на Антарктикот.

Но, „научно разумно“ е да се претпостави од феномени како што е забрзаното намалување на морскиот мраз дека екстремните настани ќе се интензивираат со зголемувањето на температурите, рече Мартин Зигерт, глациолог од Универзитетот во Ексетер, друг автор на студијата.

Минатата година „атмосферска река“ од Австралија донесе суптропска топлина и влага на континентот, предизвикувајќи температури и до 38,5 степени над нормалата, што е најголемото отстапување досега.

Извор: N1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни