Tони Китановски е македонски џез-гитарист, композитор и професор, роден во Скопје во 1964 година. Со својата извонредна техника и креативност, тој е еден од најистакнатите музичари на македонската џез сцена. Китановски дипломирал композиција на престижниот музички колеџ „Беркли“ во Бостон, каде што ја добил наградата „Charles Mingus Award“ за извонредни достигнувања. Неговата кариера вклучува соработка со реномирани светски музичари и создавање на уникатни музички дела кои го дефинираат современиот македонски џез.
Оваа година, Китановски е диригент на фестивалскиот биг бенд „JFF Little Big Band“ на осмото издание на Џез Фактори фестивалот во Битола. Под негово водство, бендот ќе изведе композиции од современи македонски џез композитори, претставувајќи оригинална продукција која го слави македонскиот музички талент. Настапот е закажан за 19 април во Народниот театар во Битола, како дел од четиридневната програма на фестивалот. Доволен повод за разговор со еден од најплодните џез музичари кај нас.

Tрн: На Џез Фабрика Фестивалот побликата ќе ве слуша со JFF Little Big Band, ансамбл кој обединува некои од најталентираните млади македонски џез музичари и ќе изведете композиции на истакнати македонски џез автори. Кажете ни нешто повеќе за бендот и за изборот на композициите?
Toни: Програмата е составена од композиции на македонски автори кои се аранжирани специјално за за овој настап со ЈФФ малиот биг бенд. Неизоставно, изведуваме композиција од Драган Ѓаконовски-Шпато, потоа Сашо Поповски, Васил Хаџиманов (кого го сметаме за нашинец) и некои мои. Недостасува, за да се биде по мој личен вкус, композиција од Драгиша Солдатовиќ – Лабиш.
Tрн: Како е да се работи со млади музичари и како го оценувате развојот на џез сцената во Македонија? Кои се нејзините предизвици, а кои потенцијали?
Toни: Кога работиш со млади (помлади од тебе), тие те потсетуваат на реалноста денес, и тоа е добро. Џез музиката, минативе триесеттина години, интензивно се развива и шири насекаде по светов, па така и кај нас. Ова го знам од прва рака. Драго ми е што има се повеќе девојки во овој „спорт“, и не се тука само за украс, тие најчесто го водат патот!
Да не се заборави, иако триесеттина години изгледаат како краток период, сепак, за тоа време, во традиционална смисла, ќе се родеа три нови правци во џезот. Со други зборови, како што креативноста не зависи од економијата, така и квантитетот не преминува во квалитет.
Tрн: Како ги мотивирате младите музичари да ја разберат и прифатат слободата (и одговорноста) која ја носи џезот?
Toни: На најбрутрален начин – да се соочат со стравот од креативното делување! Секој друг начин ми изгледа како мачкање очи. Секако и со личен пример, особено, кога денес ги немаме џиновите како Шпато, Гоце Димитровски…на кого би се угледале. Важно е, но не и неопходно, своите идоли да можеш да ги допреш со прст, не да ги следиш на инстаграм. Слободата на сите им се допаѓа, одговорноста – не толку. Како ми се чини денес, после сите овие години, одговорноста е кон себеси, не кон слушателите, историјата. Колку си искрен кон себеси – толку музика. Преведено, ова значи дека не е до талентот, апсолутниот слух и меморија, вложениот труд, туку соочување со стравот од креативноста, тука паѓаат речиси сите, и уметноста како и секогаш, останува реткост.
Tрн: Како започна вашето музичко патување? Кога првпат почувствувавте дека џезот ќе биде ваш животен правец?
Toни: Кога како тинејџер, кај Шпато дома, за прв пат го слушнав гитаристот Барни Кесел. Во тие мигови почуствував дека за мене не постои друг избор во овој живот. Добро се сеќавам на тој ден и можам да ви кажам дека поривот и ентузијазмот сите овие години е ист.
Tрн: Каква улога одигра македонското музичко наследство во вашето музичко формирање, и како тоа се одразува во вашето творештво?
Toни: Верувам дека имало подсвесно влијание додека се формирав како музичар. Ова се однесува на времето кога сакав се да научам и знам, не на времето кога се тоа сакав да го заборавам и да почнам да креирам. И немав никаков интерес за традиционалната музика и фолклор, се додека не научив многу за современата уметничка музика. Тогаш почнав да разбирам. Денес, понекогаш ќе напишам нешто со одлики на традиционални, но само кога ќе ми долета навистина добра музичка идеја, и кога сакам да го нахранам егото со доказ дека сеуште ја имам способноста да создавам оригинална музика во духот на својот народ.
Tрн: Вашето образование и работа во Беркли и подоцнежната кариера во САД ви овозможија непосреден контакт со врвни уметници и педагози. Како тоа искуство ве обликуваше како музичар и дали и на кој начин американската џез култура ве поттикна да го преиспитате сопствениот музички идентитет?
Toни: Мојот најзначаен и најдраг учител беше Шпато. Студирањето на митскиот Беркли колеџ беше само шлагот, но без него немаше да сум тоа што сум денес. Сопствениот музички идентитет го преиспитувам секојдневно, рачиси како да е причина зошто се будам насабајле. Американската култура, и сето тоа искуство да се живее таму, пред се беше крајно инспиративно. Постојат работи што можеш само таму да ги доживееш и не постои јазик ниту поет кој може да ги изрази. На пример, да ја слушнеш „Есен во Њу Јорк“ додека одиш по деветата авенија, или да те поздрави гласот на Реј Чарлс со неговата „Џорџија во моите мисли“ додека си во Атланта, лично да се увериш зошто јастогот од државата Мејн е највкусната храна во оваа галаксија и пошироко.

Tрн: Импровизацијата е суштинска во џезот – како ја доживувате нејзината улога во изведувањето, но и во животот?
Toни: Во џез импровизацијата, како и во животот, неопходни се неколку доблести: храброст, искреност, и љубов кон луѓето, но по следниот распоред кој ни го кажа професорот Херб Померој – на прво место љубов кон семејството, на второ – кон музичарите со кои ја делиш сцената, на трето – твојата љубов кон музиката.
Tрн: Што сметате дека ѝ недостасува на нашата културна политика за поддршка на современата и импровизираната музика?
Toни: Не и недостасува ништо. Се си е на место, како и фактот дека најдобар начин да се уништи уметноста е мецена да е државата.
Мислам дека добрите луѓе од министерството за култура, кои секогаш вредно и посветено ја вршат обемната работа за обезбедување средства за уметниците и институциите (кои пак никогаш не се задоволни…), се единствените кои ќе ме разберат.
Tрн: Кои теми или музички идеи ве заинтригираат во моментов? Дали работите на нов проект?
Toни: Да ви одговорам барем едно прашање без филозофија. Покрај аранжманите на ЈФФ малиот биг бенд, работам на музиката за две представи на кореграфката Рисима Рисимкин. Конечно го завршивме албумот со ДЏ Гоце и Баба Сисоко, и не размислувам за нови проекти во скора иднина. Слободното време ќе го посветам во пишување книга за музичка импровизација заедно со мојот драг колега професорот Ан Ханг од Жејанг конзерваторијумот во Ханџо, Кина.
Tрн: Што е тоа што, според вас, ја прави музиката вистински „жива“?
Toни: Да се вратиме кон филозофијата. „Вистински жива“ е конкретен термин. За жал, најдобрите работи во нашиот свет неможат да бидат опишани со зборови. Но, може да се говори дека вистински живата музика доаѓа од исто место од каде што доаѓа безвремената музика на Бах, мајчината љубов, вистинските пријатели, и уште две три работи.
Tрн: Како би сакале да бидете запаметени – како музичар, како педагог, или како нешто трето?
Toни: Ако веќе мора тоа да се случи, тогаш како нешто трето.