План за управување со Газа по војната, кој протече во јавноста, предвидува создавање меѓународна преодна управа (GITA) под раководство на Тони Блер, поранешен премиер на Велика Британија. Документот, кој го објави The Guardian, открива дека палестинските политички актери би биле сведени на споредна улога, додека управата би имала широки извршни и безбедносни овластувања.
Според нацрт-планот: Управата би имала седиште во Египет, близу границата со Газа. Би имала Совет од 7–10 членови, од кои само еден Палестинец, би ги носел сите клучни одлуки. Претседателот на управата би имал целосна контрола врз политичкиот и стратешкиот правец. Би се формирала економска агенција за инвестиции и реконструкција на Газа, со учество на приватен капитал. Учеството на западни и заливски земји е планирано, со цел да се обезбеди „регионална легитимност“.
Иако Блер не ја потврдил официјално својата улога, се вели дека е заинтересиран да ја предводи GITA. Планот ужива поддршка од администрацијата на Доналд Трамп, кој во меѓувреме го претстави својот „мировен план“, што го прифати израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Палестинска реакција: „Нова катастрофа“
Палестински критичари велат дека овој пристап би создал паралелен систем во Газа, одвоен од Палестинската управа на Западниот Брег. Мустафа Баргути, генерален секретар на Палестинската национална иницијатива, изјави:
„Веќе бевме под британски колонијализам. Ако спомнете Тони Блер, првото што им паѓа на памет на луѓето е војната во Ирак.“
Иако не е јасно дали планот бил официјално презентиран на Палестинската управа, се претпоставува дека Газа би била под привремена меѓународна управа, сè додека не се „подготви“ за самоуправа.
Хамас, Израел и регионот
Хамас изјави дека не го добил планот, но изрази отвореност за преговори ако дојде до целосно повлекување на израелската армија. Истовремено, дел од израелската јавност е скептична, бидејќи планот не гарантира целосно уништување на Хамас.
Сепак, муслиманските земји како Саудиска Арабија, Катар и Египет го поздравија планот и изразија поддршка за мировен договор базиран на две држави и интеграција на Газа и Западниот Брег во рамките на палестинска држава.
