Два дена пред отворањето на првиот викенд од најголемиот светски електронски фестивал, Tomorrowland, избувна огромен пожар на главната сцена во белгискиот град Бум. Според првичните извештаи, околу 75% од сценографијата е уништена, а организацијата сè уште не дава конечен одговор дали фестивалот ќе се одржи според планот.

Видеа и фотографии го преплавија интернетот
Снимки објавени на социјалните мрежи, вклучително и на платформата X (поранешен Twitter), покажуваат како огнот го голта леденото “кралство” на сцената, која годинава носеше тема „Orbyz“ – свет на магични суштества, арктички пејзажи и мрачни бајки. Спектакуларната структура со светлосни ефекти се градела со месеци.
Реакција на итните служби
Околу 1.000 вработени биле присутни на местото во моментот на пожарот, но нема повредени, бидејќи посетителите сè уште не пристигнале.
Локалните власти ги советуваа жителите на Бум да ги затворат прозорците и вратите поради густ чад кој се ширеше низ областа.
Што понатаму – ќе се одржи ли фестивалот?
Пожарот го постави под знак прашалник целосното одржување на фестивалот. Главната бина требаше да биде домаќин на имиња како Martin Garrix, David Guetta и Lost Frequencies.
Иако не е првпат Tomorrowland да се соочи со кризи – во 2017 година фестивалот во Барселона беше прекинат поради пожар, а пандемијата го стопираше настанот во 2020 и 2021 – ова е еден од најголемите предизвици досега.
Што е Tomorrowland?
Tomorrowland е најголемиот електронски фестивал во светот, кој секое лето собира над 400.000 посетители од повеќе од 200 земји. Се одржува во De Schorre парк во градот Бум, Белгија, и претставува уникатна комбинација од музика, продукција и фантазија.
Од DreamVille, луксузен фестивалски камп, до глобалните патувачки пакети на Global Journey, Tomorrowland претставува бренд кој диктира трендови во музиката и фестивалската култура.
Sinan Sakić се пуштал на Tomorrowland
Во 2018 година светските медиуми објавија дека DJ Salvatore Ganacci пуштил хитови од Синан Сакиќ на сет во 2017 година – што уште еднаш покажува колку е неочекуван и шаренолик овој фестивал.
Иако нема потврдени информации од организаторите, веројатно е дека тимот на Tomorrowland ќе направи сѐ што може за да ја спаси манифестацијата.