Во Задар, Република Хрватска, деновиве од печат излезе книгата со камерната театарска пиеса „Двајца во Еден“ на македонскиот писател, драматург и културолог Томислав Османли.
Преводот и уредувањето на изданието ги потпишува Никола Шимиќ Тонин, еден од најпознатите хрватски автори и книжевни уредници, а изданието претставува заеднички проект на Хрватското книжевно друштво – Задар, Библиотеката Donat и издавачката куќа „ВВВ“.
Пиесата „Двајца во Еден“ е лиричен сценски солилоквиум „за двајца, за кукли и месечина“, како што стои во нејзиниот поднаслов. Делото е поставено на повеќе сцени: во Народниот театар во Куманово (режија Виолета Џолева), Театарот за деца и млади во Скопје (режија Димитрие Османли) и во академскиот театар „Џон В. Гејнс“ во Њупорт, Вирџинија (режија Наум Пановски).
Оригиналното издание беше објавено пред точно 30 години, во издавачката куќа „Ѓурѓа“, и содржеше три дела:
- оригиналниот текст на македонски,
- англиски превод на Соња Андонова,
- и целосна стрип верзија на делото, илустрирана од Александар Сотировски
Во својата воведна белешка кон хрватското издание, Никола Шимиќ Тонин истакнува дека пиесата го воодушевила со својата длабочина и современост:
„Томислав Османли има примери: Калдерон де ла Барка, но ова е современа приказна. Текстот е предизвик – за театарска изведба, за актерски креации, за восхит.“
Делото на Османли низ годините доби бројни позитивни критики од Венко Андоновски, Лилјана Мазова, Иван Ивановски, Мирче Томовски, Виктор Шиков, како и од Далибор Форетиќ, еден од најзначајните хрватски театарски теоретичари, кој за американската премиера во 1997 година напиша:
„Текстот е универзален. Неговите значења лесно се препознаваат во секое општество. ‘Двајца во Еден’ е духовита парафраза на митот за Адам и Ева, напишана за двајца актери и две кукли. Само љубовта и жртвата можат да му го вратат животот на светот.“
Објавата на драмата доаѓа по признанието „Donat“, највисоката награда на Книжевното друштво Задар, која му беше доделена на Османли пред две години.
Лектурата ја изврши проф. д-р Жаклина Кутиа, графичката обработка и подготовката се дело на Зоран Матјаж, корицата ја потпишува Анамарија Чирковиќ, а уредничкиот надзор го има доц. д-р Патрик Левачиќ.
Со оваа публикација, по романот „Столб што пее“, објавен во Грција и Србија, Оманли годинава бележи трета странска објава, потврдувајќи го континуираното меѓународно признание на неговото творештво.
