Томислав Османли ја освои Главната меѓународна поетска награда „Amilcare Solferini“ во Италија

Македонскиот писател е прогласен за лауреат на престижниот поетски конкурс во Пиемонт за песната „Вистинската сила“, која самиот ја преведе на француски јазик.

Македонскиот писател, драматург и романописец Томислав Османли е добитник на Главната меѓународна поетска награда на литературниот конкурс „Amilcare Solferini“, што се одржа во Пиемонт, Италија. На свеченоста по повод втората интернационална поетска смотра, беше објавено дека жирито едногласно ја доделува големата награда за неговата песна „Вистинската сила“ (La vraie force) – творба што авторот ја преведе на француски јазик специјално за конкурсот.

Конкурсот „Amilcare Solferini“ важи за една од најгледаните нови книжевни платформи во северна Италија, отворајќи поле за автори кои пишуваат на стандарден италијански, на пиемонтски дијалект, на англиски и, годинава, на француски јазик. Песната на Османли, напишана како интимна, но и општествено ангажирана љубовна реминисценција, ја истакнува љубовта не само како лична страст, туку и како непобитна човечка сила – тема што длабоко одекна кај жирито, кое го оцени текстот како „емоционално најмоќниот и највозвишен“ меѓу пријавените творби.

Наградата го носи името на писателот и драмски автор Амилкаре Солферини, псевдоним на Виторио Актис – значајна фигура во италијанската литература од крајот на XIX и почетокот на XX век, познат по својата работа во театарот, поезијата и новинарството. Во негова чест, од 2015 година се организира големиот национален конкурс, кој подоцна прерасна и во меѓународен формат.

Османли ја доби наградата на свечено матине во Castello di Pavone, во регионот Торино, каде што беа прогласени лауреатите на повеќе категории. Во официјалната порака упатена до авторот, организаторите наведоа: „Средбата со вашата поезија беше момент што никогаш нема да го заборавиме. Вашата песна беше највисоко ценета од жирито.“

Иако Османли е најпознат по својата проза, романите и драмските дела, неговата поетска работа не е нова. Неговата монументална поема „Бдеења Блажеви“ (2021), посветена на Блаже Конески, беше поздравена со бројни домашни критики и опишана како едно од најзначајните современи поетски остварувања. Наградата „Amilcare Solferini“ е втора голема меѓународна поетска признание за Османли – во 2018 година тој стана прв лауреат на италијанската награда „Angelo LaVecchia – Анте Поповски“ за песната „Љубов“, преведена на италијански од Билјана Билјановска.

Со ова признание, творештвото на Томислав Османли уште еднаш се вбројува меѓу најценетите гласови на современата европска литература, а македонската поезија добива нова потврда на меѓународната сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни