Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, во седиштето на противпожарната служба во Загреб даде изјава за медиумите поради силното невреме што го зафати градот.
„Уште во средата навечер испративме известување дека во четврток се очекуваат опасни временски услови. Ова трае со часови и денови, поради што донесовме одлука денеска да нема настава, најважна е безбедноста. Ако децата немаат каде да бидат и ако дојдат во училиште, ќе им биде организиран престој. Истото важи и за градинките, ако родителите немаат каде со децата, а препораката е децата да останат во своите домови. Настава нема, но училиштето е отворено.“
Тој истакна дека бројот на интервенции постојано расте и дека повеќе од 200 се на чекање.
„Најтешката ситуација се случи ноќеска на улицата Максимирска, каде што голем број трамваи не можат да стигнат до другите делови на градот. Постојано паѓаат дрвја и има прекини на трамвајските и автобуски линии. Сите служби се на терен, работат цела ноќ.“
„Силниот ветер и опасните временски услови и натаму продолжуваат. Им благодарам на сите служби. Имаме низа оштетени покриви, куќи, згради и возила, а бројката расте“, додаде тој.
„Најважно е луѓето да внимаваат на себе и, ако не мораат, да не излегуваат надвор“, предупреди градоначалникот.