Токсични „коктели“ од пестициди откриени во јаболка низ цела Европа

Истражување на Pan Europe откри дека 85% од јаболката во Европа содржат остатоци од повеќе пестициди, вклучувајќи и PFAS „вечни хемикалии“.

Еколошките организации предупредуваат на присуство на токсични „коктели од пестициди“ во јаболките што се продаваат низ цела Европа, откако анализи покажале дека 85 проценти од јаболките содржат остатоци од повеќе различни пестициди. Истражувањето го спроведе организацијата Pan Europe, која им препорачува на потрошувачите да купуваат органски одгледани јаболка или, доколку се од конвенционално производство, да ги лупат пред консумирање, пренесува The Guardian.

Pan Europe, мрежа на невладини организации што се залагаат за намалување на употребата на пестициди, анализирала околу 60 јаболка купени во 13 европски земји, меѓу кои Франција, Шпанија, Италија и Полска. Резултатите покажале дека 85 проценти од примероците содржеле остатоци од повеќе пестициди, а кај некои биле откриени траги од дури седум различни хемиски супстанции.

Во 71 процент од случаите биле пронајдени пестициди кои Европската унија ги класифицира како најопасни, таканаречени „кандидати за замена“, кои во иднина треба постепено да се повлечат од употреба. Дополнително, анализата утврдила дека 64 проценти од примероците содржат најмалку една PFAS супстанција – пер- и полифлуороалкилни материи, познати и како „вечни хемикалии“, поради нивната долготрајност во животната средина.

Проблемот е „коктел ефектот“

Иако во ЕУ се дозволени одредени количини на остатоци од пестициди под пропишаните максимални граници, од Pan Europe предупредуваат на таканаречениот „коктел ефект“, при кој потрошувачите истовремено се изложени на повеќе различни хемикалии во еден производ.

Мартин Дермин, висок претставник на организацијата, ја критикува Европската агенција за безбедност на храната затоа што ги проценува пестицидите поединечно, наместо да го анализира ризикот од комбинирана изложеност.
„Во ова извештај јасно покажуваме дека 85 проценти од јаболките содржат повеќе остатоци, а не знаеме дали тие се навистина безбедни за консумирање“, изјави Дермин.

Јаболките меѓу најинтензивно третираните овошја

Тој укажа и на можната поврзаност на ваквите хемикалии со рак и неплодност. Од Pan Europe нагласуваат дека дури 93 проценти од тестираните јаболка не би смееле да се продаваат како преработена детска храна, бидејќи ги надминуваат значително построгите гранични вредности што важат за деца под тригодишна возраст. Овие правила во ЕУ се построги со цел заштита на раниот детски развој.

Јаболките се меѓу најпопуларните и најраспространети овошја во Европската унија, а најголеми производители се Полска, Италија и Франција. Воедно, тие спаѓаат и меѓу овошјата што се најинтензивно третирани со пестициди, најчесто за борба против краставоста – главната габична болест во овоштарството. Од просечно 35 третирања годишно, повеќе од половината се насочени токму кон оваа болест.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни