Граѓаните во повеќе делови од земјата и вечерва дишат токсичен воздух, што покажува дека проблемот со аерозагадувањето останува и во новата 2025 година.
Вечерва големите црвени кругови предупредуваат за воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Струмица, а високи нивоа на загаденост има и во останати делови од земјата.
Според податоците на Министерството за животна средина во 17 часот најзагадено е во Битола, каде што на мерката станица Битола 2 се измерени 237 мигрограми на метар кубен ПМ2,5 честички.
200 микрограми се измерени во Струмица, 206 во Тетово, 170 во Кичево.
Во главниот град, најмногу загаденост покажува станицата кај ректоратот, која измери 210 микрограми на метар кубен ПМ2,5 честички, во Лисиче се измерени 179, во Гази Баба 154, а во Центар 130.
Утрово, Скопје повторно се разбуди во првите 15 најзагадени градови на светската и европска листа. Воздухот е оценет како „нездрав“ и „многу нездрав“ за дишење во некои општини и препораките се да се носат маски, да не се излегува на улица и да не се отвараат прозори.
Продолженото изложување на загаден воздух може да доведе до астма, хроничен бронхитис и други респираторни заболувања. Микроскопските честички и токсични гасови можат да го оштетат белите дробови. Загадувањето на воздухот може да ја зголеми шансата за срцеви заболувања, вклучувајќи инфаркти, висок крвен притисок и удари. Честичките од воздухот можат да предизвикаат воспаление и оштетување на крвните садови. Долгорочно изложување на загаден воздух, особено на канцерогени материјали како што се бензопирен и други хемикалии, може да доведе до развој на рак на белите дробови.Загадувањето на воздухот може да има негативен ефект врз нервниот систем, особено кај деца и стари лица. Тоа може да доведе до когнитивни нарушувања и нарушувања во развојот на мозокот.