Точно на пладне застануваат камионите: блокади на сите гранични премини во Македонија

Камионџиите денеска точно напладне го блокираат товарниот сообраќај на сите гранични премини во Македонија, протестирајќи против новите шенгенски правила на ЕУ.

Товарниот сообраќај во Македонија денеска ќе биде блокиран точно во 12:00 часот на сите гранични премини, најавија превозниците. Блокадите се дел од координиран протест на камионџии од Западен Балкан против новите правила на ЕУ за престој на возачи во Шенген-зоната, кои, според нив, сериозно го загрозуваат меѓународниот транспорт и синџирите на снабдување.

Каде ќе има блокади?

Според најавата доставена до Министерството за внатрешни работи, блокадата ќе ги опфати следните гранични премини:

  • Деве Баир
  • Делчево
  • Ново Село
  • Дојран
  • Богородица
  • Меџитлија
  • Ќафасан
  • Блаце
  • Блате
  • Табановце/Прешево – затворен од српска страна

Товарниот сообраќај ќе биде целосно стопиран или значително ограничен, додека патничките возила и јавниот превоз ќе сообраќаат непречено.

Зошто камионџиите протестираат?

Превозниците, организирани преку асоцијацијата „Макам-транс“, со поддршка од здруженија од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, протестираат против примената на новиот Систем за влез и излез (EES) во Шенген-зоната.

Според новите правила, професионалните возачи од земји надвор од ЕУ се третираат како туристи и можат да престојуваат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена, што, според превозниците, е неспроведливо за нивната работа и води кон недостиг на возачи и застои во транспортот.

Исклучоци и можни последици

Организаторите најавуваат дека ќе бидат пропуштани возила што превезуваат животни, лекови, експлозиви и други чувствителни пратки, за да се избегнат ризици по јавната безбедност.

Сепак, блокадите може да предизвикаат доцнења во испораките на стоки и нарушување на логистичките синџири, а регионални организации веќе предупредуваат дека подолготрајни протести би можеле да имаат сериозно економско влијание.

Поширок регионален притисок

Протестите се дел од поширока регионална иницијатива за отворање дијалог со Европската Унија и барање ревизија на шенгенските правила, кои камионџиите ги оценуваат како несоодветни за професионален транспорт од Западен Балкан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни