Пишува: Тони Поповски
Прво, на продлабочените нееднаквости, особено поради повеќекратната (здравствена, енергетска и последично социо-економска) криза чија најдиректна манифестација е инфлацијата. Осиромашените дополнително осиромашија, изгубија верба во слободарско – демократскиот политички систем, станаа гневни и довербата ја даваат на карактерно отворени или прикриени автократи надевајќи се дека нивната цврста рака ќе го подобри нивниот животен стандард и перспективи. Дека утре, ќе им биде подобро од денес. И затоа се заблагодарија на владеењето на правото, со едно гласно добредојде за владеење на контроверзни поединци.
Второ, на културолошкиот конфликт, во кој победува перцепција за некомпатибилност на „културата на будење – продлабочување на индивидуалните права и слободи“ со традиционалните – конзервативни семејни вредности и практикувањето на религијата. Демократите се доживуваат како закана за конзервативното семејство поради онтолошки – длабок страв од (расно, верски, етнички, идеолошки и сексуално) поинаквите.
И трето но не последно, поради неспособноста, ароганцијата и конформизмот на слободарско – демократската елита чија база е „фината“ средна класа, а која со тек на време стана конзервативна и реактивна на „реформи“ и други промени (па и демографски) во обид да го презервира комфорот во сопствениот меур. Притоа, поларизацијата во политичкиот колосеум сеуште ја доживува како забавен феномен и терапија против здодевност.
Заеднички именител на овие три фактори се негативните емоции, и потребата од нив да се ослободиме, бргу и по секоја цена, а попатно да се реваншираме, да казниме и да се одмаздиме, не внимавајќи дека од субјект се трансформираме во објект за популистичка злоупотреба.
Заслужува да се спомнат и социјалните мрежи но и дигиталните медиуми кои делуваат во амбиент на себерегулација, бидејќи се истакнаа како извонредно ефикасно “возило” на лагите и анти-системските наративи, извадени од реална пропорција. Од овој сегмент на технолошката “револуција” повеќе губиме, неговиот коефициент на полезно дејство е низок, не само од аспект на континуирано тонење во политичка некултура, обликувајќи „нов примитивизам“, туку и поради создавањето на низа безбедносни, а со тоа и социо-економски екстерналии. За последново се надевам дека грешам.
Додека не е предоцна, „демократите“ треба да излезат од зоната на комфор и проактивно и понизно да се позанимаваат со решавање на навидум банални предизвици со кои се соочуваме во секојдневието, квалитетот на локалните услуги, урбанизмот, квалитетот на животната средина, доследна заштита на права по однос на труд наместо кокетирање со транзициските бизнис елити, познати кај нас и под љубезниот термин – работодавачи. Понизно да се позанимаваат, подразбира да покажат емпатија и да се поврзат со избирачите на емоционално ниво, како предуслов за доверба и поврзување на интелектуално ниво, од кое се делувало и треба да се делува еманципаторски и со цел да се зголеми отпорноста на општеството на политички лаги и измами.
Доколку не се вратиме на темелните слободарски демократски вредности и спречиме понатамошно осиромашување (економско и културно), во западната хемисфера ќе се намножат нови „берлински ѕидови“, продлабочувајќи ја постоечката ентропија, бидејќи наметнатата дебата за вредностите веќе не врати во пред-правно време. Утре може да се разбудиме со консензус за поинаква правна норма, од другата страна на ѕидот, таа погрдата.