„Тоа се одвратни лаги“ – шведскиот премиер за тврдењата на Орбан

Објавата на премиерот Кристершон уследи откако Виктор Орбан претходно го нападна шведскиот правосуден систем

Шведскиот премиер Улф Кристершон го обвини унгарскиот колега Виктор Орбан за ширење на „одвратни лаги“ дека Шведска е пред колапс поради раст на организираниот криминал.

– Тоа се одвратни лаги. Не е изненадувачки со оглед на тоа што доаѓаат од човек кој го демонтира владеењето на правото во сопствената земја. Орбан е очаен пред претстојните унгарски избори, објави Кристершон на платформата Икс.

Објавата на Кристершон уследи откако Орбан го нападна шведскиот правосуден систем.

„Владата на Шведската ни држи лекции за владеењето на правото. Во меѓувреме, според статијата на „Ди Велт“, криминалните мрежи ги експлоатираат шведските деца како убијци, знаејќи дека системот нема да ги осуди. Земјата некогаш позната по редот и безбедноста сега се распаѓа: над 280 малолетни девојчиња се уапсени за убиство, семејствата живеат во страв. Срцепарателно е. Шведскиот народ заслужува подобро!“, истакна Орбан.

Орбан се повикува на статија објавена во германскиот весник „Ди Велт“ (Die Welt), во која се наведува дека минатата година во Шведска, 280 девојчиња на возраст од 15 до 17 години биле под истрага за сериозни кривични дела како што е убиство. Сепак, Шведскиот совет за спречување на криминал презентира различни податоци, според кои 68 жени во таа возрасна група биле осомничени за убиство и напад.

Шведска се бори со бран криминал во кој се вклучени тинејџери регрутирани од банди преку социјалните медиуми, особено Телеграм, за да извршат низа кривични дела – од шпионажа и вандализам до бомбашки напади и убиства. Шведската Влада минатата недела објави дека сака да ја намали старосната граница за кривична одговорност за кривични дела, како што е убиство од 15 на 13 години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни