Дијалог меѓу две колекции и повеќе светови
Проектот е куриран од Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ-Скопје, и Бојана Пишкур од Модерната галерија во Љубљана. Низ избор на дела од колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје, колекцијата „Артист 2000+“ и националната колекција на словенечкиот музеј, изложбата ја истражува врската меѓу уметноста, природата и општествениот контекст во кој тие се создадени. Делата се изработени од природни материјали или пак се инспирирани од теми поврзани со животната средина и екологијата.
Кураторскиот концепт се осврнува на односот меѓу културата и природата во времето на т.н. Капиталоцен – период во кој човековото влијание, поттикнато од капиталистичка експлоатација, длабоко ја нарушува рамнотежата на природниот свет. Изложбата се фокусира на уметнички дела кои го отвораат прашањето: што може природата да нè научи, доколку ѝ пристапиме со почит, не како господари, туку како соработници?

Заборавени светови, локални традиции и критика на индустријализацијата
Целата изложба е структурирана во три тематски сегменти. „Заборавен свет“ се однесува на дела создадени од земја, вода, дрво, волна и други органски материјали или концептуално инспирирани од нив. „Свет налик“ ги опфаќа инсталациите и уметничките интервенции што го истражуваат односот кон природата преку локални традиции, ресурси и визуелни јазици поврзани со етнолошката меморија. Третиот сегмент, „Свет во настанување“, нуди дела од наивната уметност и критички осврти кон индустриското искористување на природата, повикувајќи на враќање кон хармонијата со живиот свет.
Во изложбата се застапени автори од Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија, но и од далечни земји како Јапонија, Иран, Куба, Бразил, Судан, Полска, Боливија, Јужноафриканската Република и Уругвај. Разновидноста на авторите и контекстите од кои доаѓаат создава мозаик на уметнички и културни светови што се надоврзуваат еден на друг, поврзани преку заедничка нишка: стремежот за нов начин на живеење и создавање во соработка со природата.