Тивкиот ноќен живот: што ни кажува објавата на „Терапија“ за Скопје денес

Меѓу ветувањата за „град на младост и креативност“ и запоставеноста на старите културни точки, урбаната сцена во Скопје останува без јасна иднина.

„Додека некои броеја грантови и спиеја во фотелји, кога светот беше заклучен, а надежта затворена зад четири ѕида, некој реши да не молчи“, пишува креаторката на платформата, Слободанка Тренчева Боте во денешната објава. „Во најтемните моменти на пандемијата, кога клубовите замолкнаа, а независната сцена беше на работ на исчезнување, се роди ‘Терапија’. Не како бренд, туку како спас платформа што не беше само музика, туку став, визија и отпор.“

Таа потсетува дека преку перформанси, предавања, изложби и диџеј-сетови, „Терапија“ го промовирала македонското културно наследство „модерно, храбро и автентично. Без буџети и без институционална поддршка. И таа енергија продолжува. Затоа што Скопје заслужува визија.“

Своето патување го врзува со клупската сцена: од фејс контрола во Сектор, преку клубот Епицентар и проектот Win Music Freedom, до платформата создадена „во најтешките денови за независната сцена“. Секогаш, како што вели, „со љубов кон градот и државата“ и со работа „во служба на граѓаните“.

Во објавата објаснува и зошто ја одбила понудата да биде програмски директор на МКЦ: „Политиката, со сите свои ограничувања, не секогаш дозволува визијата да се живее до крај. Затоа решив да не ја прифатам понудата за програмски директор на МКЦ.“ Наместо тоа, останува блиску до културата и музиката, со своја дефиниција: „Клупската култура е култура во сите нејзини форми… Таа не е луксуз, туку креативен простор на заедницата и сигнал за развој на општеството.“

Во истиот дух, Тренчева пишува и за ноќната економија: „Во Давос јасно се покажа колку е важна ноќната економија. Додека елитите зборуваат за стабилност, вистинскиот раст доаѓа од новите идеи, малите бизниси и луѓето што создаваат од нула.“
Овој став се насочува кон Скопје во момент кога во Градскиот парк се уриваат старите летни дискотеки за да се подготви теренот за нов луна парк, МКЦ се соочува со сериозни програмски и инфраструктурни предизвици, а Универзалната сала и понатаму останува затворена со години пролонгирана реконструкција.

Токму тука се вкрстува и ветувањето на скопскиот градоначалник од 24 септември 2025 година дека „ноќниот живот во Скопје мора повторно да заживее“, дека угостителите се „моторот на градската економија“ и дека ќе има посебен советник за овој сектор. Во момент кога културните простори исчезнуваат или стагнираат, а независните платформи алармираат, прашањето останува отворено: каков ноќен живот сака Скопје и дали визијата што ја бара „Терапија“ ќе стане дел од реалните градски политики, или ќе биде уште еден напор на независната сцена, игнориран од институциите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни