ТИТАН Усје: Работиме по европски стандарди, емисиите се под 24-часовен независен мониторинг

ТИТАН Усје реагира дека работи повеќе од седум децении како одговорна компанија, во целосна согласност со националната и европската регулатива, со континуиран мониторинг на емисиите и редовни инспекции без утврдени надминувања на законските лимити.
Foto: „Титан Усје“

ТИТАН Усје реагира дека повеќе од седум децении работи како одговорна компанија која придонесува за националниот развој, локалната економија и инфраструктурните проекти во земјата – од болници и брани, до патна и јавна инфраструктура.

Од компанијата наведуваат дека внимателно ја следат јавната дебата за животната средина и, како што велат, даваат транспарентен придонес во неа.

„Компанијата и сега работи согласно европската регулатива, односно според стандарди идентични со оние за цементарници што функционираат во Европската Унија“, се наведува во реакцијата.

ТИТАН Усје посочува дека работи во целосна согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и условите од А-интегрираната еколошка дозвола, при што, како што тврдат, често применуваат и внатрешни стандарди построги од домашните законски обврски.

„Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци кои се јавно достапни и редовно се доставуваат до надлежните институции и медиумите“, наведуваат од компанијата, додавајќи дека редовните и ненајавените инспекции не констатирале надминувања на дозволените лимити.

Во реакцијата се истакнува и дека постапката за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола е во тек и, како што велат, целосно ги следи законските и подзаконските обврски усогласени со европските стандарди.

Како дел од Групацијата ТИТАН, компанијата наведува дека се придржува до меѓународно признаени ESG стандарди и практики, нагласувајќи долгорочна посветеност на заштита на животната средина, вклучување на заедницата и корпоративно управување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни