Компанијата ТИТАН Усје соопшти дека не е причина за загадувањето на воздухот во Скопје, наведувајќи дека тоа го потврдуваат официјалните податоци и независните мерења.
Од компанијата информираат дека и во периоди кога фабриката не работела поради редовен ремонт, измерените вредности на ПМ10 честичките останале високи, достигнувајќи и до 275 микрограми на кубен метар. Во тој период, двете печки биле надвор од функција, едната од 20 декември 2025, а другата од 16 јануари 2026 година.
ТИТАН Усје наведува дека е под постојан 24-часовен независен мониторинг на емисиите, со мерни инструменти поставени од германската компанија SICK, до кои компанијата нема пристап, а резултатите од мерењата се јавно достапни.
Компанијата додава дека граничните вредности на емисии утврдени во нејзината А-интегрирана дозвола се построги од законските и дека не се надминуваат, благодарение на современи филтри и континуирани инвестиции во модернизација.
Од ТИТАН Усје порачуваат дека независните анализи укажуваат оти индустријата има помало влијание врз загадувањето во споредба со греењето, сообраќајот и другите урбани извори, и повикуваат на стручен и аргументиран дијалог за квалитетот на воздухот.
