ТИТАН Усје: Фабриката не работи, а загадувањето е високо – нападите врз една компанија се неосновани

Од компанијата реагираат дека и во период кога печките не работат, концентрациите на ПМ10 честички остануваат критично високи, што, според нив, потврдува дека загадувањето во Скопје не може неосновано да се припише само на еден индустриски субјект.
Foto: Титан - Усје

Како што наведуваат од фабриката, и покрај бројните факти и докази дека ТИТАН Усје работи целосно во согласност со домашната и европската регулатива, компанијата повторно се соочува со јавни напади кои ги оценува како тенденциозни и неосновани. Од ТИТАН Усје посочуваат дека ваквите обвинувања не се засновани на проверливи податоци, туку на произволни толкувања, при што се поставува прашањето зошто „прстот“ постојано се насочува исклучиво кон една компанија.

Според нив, ваквиот пристап не само што не придонесува за реално решавање на проблемот со аерозагадувањето во Скопје, туку и ја одвлекува јавната дебата од суштинските причини и системските решенија. ТИТАН Усје потсетува дека станува збор за компанија која има значајна улога во националната економија и создава додадена вредност за вработените, локалната заедница и партнерите.

Како дополнителен аргумент дека фабриката не е причина за актуелните високи нивоа на загадување, од компанијата ги наведуваат податоците од последните денови. Поради редовен ремонт, двете печки во фабриката не работат – едната од 20 декември 2025 година, а втората од 16 јануари 2026 година. И покрај целосниот прекин на производството, измерените концентрации на ПМ10 честички останале екстремно високи.

Така, на 16 јануари највисоката вредност достигнала 275 микрограми на кубен метар, на 17 јануари 250, на 18 јануари 143, на 19 јануари 190, а на 20 јануари 221 микрограм на кубен метар. Од ТИТАН Усје нагласуваат дека ваква состојба се повторува секоја година и дека овие податоци јасно укажуваат оти загадувањето не е директно поврзано со работењето на фабриката.

Компанијата потсетува дека е носител на А-интегрирана еколошка дозвола и дека е под постојан 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците. Резултатите од овие мерења, како што велат, се јавно достапни преку редовни неделни извештаи, а целиот процес се спроведува согласно законската регулатива усогласена со европските директиви.

Дополнително, ТИТАН Усје нагласува дека како дел од интернационална групација континуирано инвестира во модернизација на технолошките процеси. Во изминатите шест години, инвестициите надминале 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра биле директно насочени кон намалување на влијанието врз животната средина.

Од компанијата порачуваат дека веруваат во еднаков третман на сите ентитети во државата и очекуваат нивното работење да биде оценувано врз основа на стручност, факти и законска рамка, а не преку паушални или лични ставови. Воедно, тие нагласуваат дека остануваат отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање на трајни решенија за загадувањето, во интерес на јавноста и животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни