Речиси секој петти корисник на возраст од 13 до 15 години изјавил дека видел несакана „голотија или сексуални слики“ на Инстаграм, покажуваат судски документи објавени во рамки на федерална тужба во Калифорнија, пренесува Reuters.
Документите содржат делови од сослушување на шефот на Инстаграм, Адам Мосери, одржано во март 2025 година. Податоците се базираат на анкета спроведена во 2021 година за искуствата на младите корисници на платформата.
Според истите документи, околу осум проценти од испитаниците на возраст од 13 до 15 години изјавиле дека на Инстаграм виделе содржина поврзана со самоповредување или закани за такво однесување.
Во друг документ доставен во рамки на тужбата, истражувач на Meta посочил дека компанијата треба да се фокусира на тинејџерите како корисници, бидејќи тие имаат влијание врз навиките на своите помлади браќа, сестри и родители. Документот датира од јануари 2021 година.
Meta, сопственик и на Facebook, се соочува со илјадници тужби во САД во кои се тврди дека нејзините производи создаваат зависност и придонесуваат за влошување на менталното здравје кај малолетниците.
Портпаролот на Meta, Енди Стоун, изјавил дека статистиките за сексуалната содржина се базираат на одговори од анкета, а не на директна анализа на објавите. Компанијата соопштила дека кон крајот на 2025 година вовела дополнителни мерки за малолетните корисници, со кои се отстрануваат слики и видеа со голотија или експлицитна сексуална активност, вклучително и содржини генерирани со вештачка интелигенција, со исклучок на медицински и образовни материјали.
Според изјавите од сослушувањето, поголемиот дел од експлицитните содржини биле испраќани преку приватни пораки, што отвора дополнителни прашања околу балансот меѓу безбедноста и приватноста на корисниците.
Судските постапки против Meta продолжуваат на федерално и државно ниво во САД. Исходот од овие случаи може да има влијание врз идните регулативи и правилата за заштита на малолетници на социјалните мрежи.