Тимот на ,,Браќа Манаки” остана без одамна заработените хонорари

Агенцијата за филм од пред неколку дена е без директор. Во меѓувреме Владата не назначи нов директор и нема кој да ги префрли парите за фестивалот

Тимот кој годинава работеше на организација и реализација на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, денеска преку отворено писмо до Министерството за култура, Агенцијата за филм и Владата, побараа итно да им се исплатат парите за нивниот ангажман. Даниела Станковска Плачковска, в.д. директорката на Агенцијата за филм, пред неколку дена си дала оставка, а во меѓувреме Владата не назначи нов директор на институцијата, која треба да ги префрли парите за фестивалот.

„Фестивалот годинава се реализираше без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот. Повеќе од два месеци раководството на Фестивалот и неговите соработници се под огромен притисок. Опомените пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица, за жал, станаа наше секојдневие. Посетено од врвни имиња, лауреати, оскаровци. Кино салите и работилниците беа исполнети со публика, а придружната програма дополнително го надополни сјајот на Битола. Но, за жал, како резултат на агонијата која ја трпиме овие неколку месеци поради неисплаќање на обврските од страна на Агенцијата за филм, не можеме ниту да се израдуваме на сопствените успеси. Би сакале да истакнеме дека Фестивалот уредно ги има доставено сите претходни извештаи и било каква правна пречка за вакво самоволие апсолутно не постои. До овој момент, Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот“, пишува во писмото.

Во него е наведено дека надворешните соработници единствено решение гледаат во опомени и тужби.

„Се соочуваме со притисокот од елементарна егзистенција, бидејќи меѓу нас има и такви кои комплетно живеат од проектите на кои вредно и посветено работат, а се исплаќаат исклучиво од Агенцијата за филм. Голем број од нас, филмски работници, не земаме плата на секој први во месецот, немаме здравствено и пензиско осигурување. Ние и нашите семејства живееме од овие средства кои пет месеци без никакво писмено образложение и со многу празни ветувања сеуште не ни се исплаќаат“, пишува во него.

Тимот на „Браќа Манаки“, откако дознал дека в.д. директорката Станковска Плачковска е во оставка, а поради фактот дека времето до  затворање на можноста на исплаќање е мошне кратко, бараат од Министерство за култура и туризам, од Владата на РСМ и од Управниот одбор на Агенцијата за филм, итно да ги исплатат средствата планирани за финансирање на фестивали и манифестации за 2024 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни