Во организација на НУ „Охридско лето“, вечерва во големата сала на Македонската филхармонија во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот „Timeless“ — безвременско музичко патување во изведба на Камерниот оркестар „Профундис“, под водство на маестра Ѓурѓица Дашиќ. На сцената како солист ќе настапи виолончелистот Петар Пејчиќ, еден од најистакнатите интернационални таленти на својата генерација.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, вели дека концертот ќе донесе уникатно емоционално и естетско музичко доживување, изведено во амбиент под свеќи, создадено за љубителите на класичната музика. „Успеавме заедно со ансамблот да реализираме програма што носи нешто навистина специфично за нашата публика. Таа е сензитивна, емотивна, но и мошне атрактивна“, истакнува Цуцковски.
Петар Пејчиќ, младиот виолончелист што веќе долги години го привлекува вниманието на светските музички сцени, се смета за еден од најперспективните уметници на денешницата. Неговата виртуозност, суптилна музикалност, техничка извонредност и сценска харизма го издвоија на престижните европски и светски подиуми.
Пејчиќ е добитник на бројни меѓународни награди, меѓу кои се и признанијата на Вториот меѓународен натпревар на Кралицата Елизабета во Белгија, како и победите на натпревари во Финска и Шпанија. Неговиот репертоар ја спојува техничката прецизност со длабока емоционална линија, создавајќи атмосфера што, како што велат критичарите, „остава отпечаток долго по завршувањето на концертот“.
Тој свири на виолончело изработено во 1694 година од славниот градител Џузепе Гуарнери „филиус Андреа“ од Кремона — редок инструмент што дополнително ја потенцира уникатноста на неговиот звук и израз.
Концертот на „Профундис“ и Пејчиќ претставува уште еден врвен културен настан низ кој „Охридско лето“ го продолжува своето влијателно присуство на македонската и европската музичка сцена, донесувајќи ги врвните светски стандарди пред домашната публика.