Извршниот директор на Apple, Тим Кук, најави дека 2026 година ќе донесе „иновaции какви што досега не биле видени“, во обраќање за време на кварталниот финансиски извештај на компанијата. Изјавата доаѓа во момент кога Apple бележи рекордни приходи и се подготвува за, според аналитичарите, најамбициозната продукт-линија во својата историја.
„Ова беше, на многу начини, извонреден квартал за Apple, а возбудени сме за можностите што следуваат – да испорачаме иновации што досега не биле видени и да ги збогатиме животите на корисниците на секој чекор“, изјави Кук, додавајќи дека е уверен оти „најдоброто допрва доаѓа“.
Неговите зборови беа поткрепени со силни финансиски резултати. Apple оствари приходи од 143,8 милијарди долари во првиот фискален квартал за 2026 година, што претставува раст од 16 проценти на годишно ниво. Приходите од iPhone пораснаа за 23 проценти и достигнаа 85,3 милијарди долари, со рекорди во сите географски региони, додека сегментот услуги достигна 30 милијарди долари.
Иако Кук не откри конкретни производи, неофицијалните информации сугерираат дека Apple подготвува повеќе од 20 лансирања во текот на 2026 година. Во фокусот е првиот преклоплив iPhone, за кој се очекува да се појави заедно со серијата iPhone 18 наесен, иако аналитичарот Минг-Чи Куо предупредува на можни проблеми во производството и ограничени почетни количини.
Покрај тоа, според информации на „Блумберг“, Apple работи и на паметни очила кои би биле конкуренција на моделите на Meta Platforms, со целна година за лансирање кон крајот на 2026. Првата верзија, наводно, нема да вклучува проширена реалност. Се очекува и редизајниран MacBook Pro со OLED екран и новиот M6 чип, како и значајна надградба на Siri, заснована на технологијата Gemini на Google, која би можела да пристигне напролет со iOS 26.4.
Иако ваквите изјави на Кук традиционално создаваат оптимизам, дел од аналитичарите остануваат претпазливи. Според „MacRumors“, формулацијата „иновaции какви што досега не биле видени“ е понагласена од неговите вообичаени најави. Apple веќе ја започна 2026 година со нов AirTag со поголем Bluetooth-досег и погласен звучник, но останува да се види дали остатокот од најавените производи ќе ги исполни високите очекувања на технолошката индустрија.
