Од ноември 2025 година, TikTok воведува нови правила и алатки кои треба значително да ја подобрат безбедноста на младите корисници на платформата. Надградбата на функцијата Family Pairing ќе им овозможи на родителите да имаат многу поголема контрола и увид во тоа како нивните тинејџери го користат TikTok.
Меѓу новитетите е и можноста родителите да постават временски ограничувања за користење на апликацијата. Функцијата наречена Time Away овозможува дефинирање на периоди во кои детето нема да може да пристапи до TikTok – на пример за време на часови, учење или спиење.
Исто така, родителите сега ќе можат да:
– Го следат времето што нивното дете го поминува на платформата.
– Го видат со кого нивното дете комуницира и кои профили го следат.
– Добиваат известувања секојпат кога нивниот тинејџер ќе објави видео или фотографија.
– Проверуваат кои профили се блокирани и дали детето прифаќа пораки од непознати лица.
Новина е и таканаречениот wind down режим – доколку корисниците под 16 години ја користат апликацијата по 22:00 часот, ќе им се појави екран со потсетник дека е време за одмор, придружен со смирувачка музика. Целта е да се намали негативното влијание на прекумерната употреба на платформата врз спиењето и менталното здравје на младите.
Организациите за дигитална безбедност го поздравија овој потег, оценувајќи дека станува збор за чекор во вистинска насока. „Технолошките решенија не се доволни сами по себе, но тие се важна алатка за родителите да водат отворен дијалог со своите деца за дигиталните навики,“ изјавија од Common Sense Media.
Со повеќе од 1 милијарда активни корисници месечно, TikTok е една од највлијателните социјални мрежи кај младата публика, па затоа ваквите безбедносни надградби се гледаат како значаен чекор кон создавање побезбедна дигитална средина.