Истражување на британските медиуми откри сериозна безбедносна дупка во контролата на излезот од Обединетото Кралство: мрежа за криумчарење криминалци, управувана од албански државјанин, функционирала јавно преку TikTok, нудејќи „брз и сигурен“ транспорт на лица барани од полицијата – од осомничени до осудени за тешки кривични дела.
Според наодите, криумчарењето се вршело со камиони што ја напуштаат Британија, најчесто преку Евротунелот, со цена од околу 2.500 фунти по лице. Главниот организатор, кој се претставувал како „Алфонс“, бил бегалец од британското правосудство и ја водел операцијата од Белгија, откако претходно си ја отстранил електронската наногвица и избегал од земјата.
„Никој не е фатен“
Во разговор со таен новинар кој се претставил како посредник, криумчарот тврдел дека досега преку неговата мрежа биле пренесени најмалку 50 лица во Франција – сите со криминално досие. Тој отворено изјавил дека нема проблем да помогне дури и на убијци да ја избегнат правдата.
„Камионите што излегуваат од Британија не се проверуваат како оние што влегуваат. Немаме кучиња, немаме контроли. Никој досега не е фатен“, тврдел тој.
Според неговите изјави, бегалците биле криени во задниот дел на камионите, а возачите – четворица косовски Албанци – биле „доверливи“. Средбите се договарале на одморалишта во Кент, последната станица пред тунелот кон Франција.
TikTok како алатка за криминал
Операцијата се рекламирала преку TikTok-профил под името „Пoвраток од Англија“, користејќи видеа од албански инфлуенсер кој директно повикувал криминалци „брзо да заминат, пред да завршат во затвор“. Понудата била јасна: плаќање однапред и „гарантиран излез“.
Откритијата доаѓаат во момент кога британската јавност е силно вознемирена од податоците дека над 1.000 странски криминалци, меѓу кои силувачи, убијци и осомничени за тероризам, се слободни во земјата. Само овој месец, во Британија пристигнале стотици мигранти со мали чамци, а дел од нив подоцна биле осудени за тешки напади.
Политички реакции: „Нè исмеваат“
Министерот за внатрешни работи во сенка, Крис Филп, изјави дека случајот е доказ за сериозен институционален неуспех.
„Оваа криминална банда ги исмева нашите гранични закони и им овозможува на опасни криминалци да избегаат. Владата очигледно нема контрола ниту врз тоа кој влегува, ниту кој ја напушта земјата“, изјави Филп, додавајќи дека странските криминалци мора да бидат гонети и, по издржување на казната, трајно депортирани.
Одговор на властите
Британското Министерство за внатрешни работи соопшти дека спроведува „целни проверки на возилата што ја напуштаат земјата“ и дека соработката со европските партнери веќе резултирала со „стотици апсења и осуди“ во текот на годината. Сепак, случајот со TikTok-криумчарењето повторно ја отвори дебатата за ефикасноста на излезните контроли и злоупотребата на социјалните мрежи за организиран криминал.