Здружението за промоција на женската активност Тииит! Инк. – Скопје денеска до медиумите испрати реакција во однос на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме текстот од соопштението на Тииит! Инк. – Скопје.
,,Ние од здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје. сме револтирани и ужаснати од резултатите од Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година, објавени од Министерството за култура и туризам на 03.02.2025 година, согласно кои, тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО не добива никаква финансиска поддршка.
ПРВО ПА ЖЕНСКО е единствениот меѓународен интердисциплинарен фестивал во земјата кој ја промовира феминистичката култура и активизам. Во текот на 12те години континуирана работа, наспроти сите ограничувања и предизвици со кои се соочуваме на локалната независна културна сцена, Фестивалот стана, меѓународно препознаена, референтна точка за современите културни и уметнички практики што ги артикулираат родовите прашања и промовираат критичко промислување во културата и општеството.
Со оваа дрска одлука актуелното Министерството за култура и туризам испраќа јасна порака дека нема интерес за поддршка на критички културни содржини кои се засноваат на принципите на родова еднаквост, а и го оневозможува и развојот на разновидна современа културно-уметничка програма и градењето публика сензибилизирана за критичко промислување на културата и општеството воопшто.
Со оваа дрска одлука, актуелното Министерство за култура и туризам прави напад врз културните работници/чки, врз уметниците/чките, врз граѓан(к)ите кои ја препознаваат, поддржуваат и придонесуваат кон независната, критичка и феминистичката културна продукција.
Со оваа дрска одлука, актуелното Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија просто го прави она што актерите на независната културна сцена и го очекуваа, слушајќи ги предизборните обраќања на денешните функционери – недвосмислено и дефинитивно покажува дека презира жени – особено ако се феминистки, ЛГБТИК+ лица и воопшто маргинализирани групи, за кои, според нив, нема место во културата!
Тенденциозното неподдржување на здруженија кои во полето на културата работат на промовирање и застапување на правата на маргинализираните заедници, не е само спротивно на националните стратешки приоритети во културата, усогласени со приоритетите на Европската Унија, кои Владата тврди дека ги почитува. Тоа отвора и сериозни сомнежи дека предрасудите и дискриминацијата се повторно темел на начинот на кој се носат одлуките во ова Министерството, инаку надлежно да ја негува културата како инструмент за критичко преиспитување на нееднаквостите во општеството и да поттикува развој на инклузивни политики.
Ние од Тиииит! Инк. – Скопје и поширокиот тим на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО одбиваме да ја прифатиме институционалната неправда која ја оневозможува критичната мисла во културата и промовира ксенофобија, мизогинија и хомофобија во нашето кревко општество!
ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе продолжи да го чува просторот на независната, обединувачка и ослободувачка култура!
ПРВО ПА ЖЕНСКО постоело и ќе постои, наспроти сите неправди!
И годинава ќе има ПРВО ПА ЖЕНСКО!
Ќе (ве) преживееме!“