Ако растевте пред интернет револуцијата повеќе од сигурно е дека добро ги познавате Том и Џери. И да, нема потреба од некое детално и фамозно опишување кои се тие и од каде ги познавате. Том и Џери како една од најуспешните неми анимирани серии и ден денес ги освојува срцата на сите генерации. Помладите ги запознаваат, кај постарите будат носталгија за едно подалечно, безгрижно детство. Секоја епизода е сама за себе и тешко се раскажува, едноставно треба да се видат авантурите на мачорот Том и глушецот Џери.
Нивните згоди и незгоди секогаш ја поттикнуваа детската смеа и радост, но во одредени периоди од нивното безмалку вековно постоење наидувале и на забрани за емитување. Во одредени години некои епизоди се сметале за насилни, односно го пропагираат насилството меѓу децата. Но едно е сигурно, голем дел од луѓето секогаш се прашуваа како изгледа бабата, која се појавува во одредени епизоди, бидејќи никогаш не е прикажан нејзиниот лик.
Ако ова ве заскокотка, ајде да се навратиме нешто повеќе од 80 години наназад низ времето… Во времето кога Џаспер и Џинкс сè уште ги немаа имињата Том и Џери.
83 години Том и Џери
Серијата е заснована на вечното соперништво меѓу еден домашен мачор (Том) и еден глушец (Џери), чии брканици и тепачки честопати подразбираат насилство прикажано на смешен начин. Хана и Барбера напишаа и изрежираа 114 цртани филмови „Том и Џери“ во студиото на МГМ во Холивуд, Калифорнија во периодот меѓу 1940-1958 година, пред одделот за анимација да биде затворен.
Серијата се прикажува од 10 февруари 1940 година до ден денес. Почнувајќи од 1960 година, како дополнување на првата серија беа издадени нови епизоди, направени во Источна Европа, во продукција на „Рембренд Филмс“, под режисерската палка на Џин Дич. Во 1963 година продукцијата на „Том и Џери“ се врати во Холивуд, овој пат под водство на Чак Џоунс и продуцентската куќа „Сиб-Тауер Твелв Продакшнс“. Оваа серија траеше сè до 1967 година и се состои од 161 епизода.
Познатиот мачор и глувчето повторно се појавија во ТВ- цртани во текот на 1970-тите, 1980-тите и 1990-тите години, во продукција на тандемот Хана-Барбера и продуцентската куќа „Филмејшн Студиос“, а потоа и во филмот „Том и Џери” во 1992 година. Најновиот цртан филм со овие ликови, „Карате чувар“, направен по сценарио и режија на ко-творецот Џо Барбера, се појави во кината во Лос Анџелес на 27 септември 2005 година. Денес, авторските права врз „Том и Џери“ ѝ припаѓаат на продуцентската куќа „Тајм Ворнер“.
Околу тоа дали тие ќе зборуваат, авторите го зеле предвид успехот на немите филмови со Чарли Чаплин, па знаеле оти ликовите можат да бидат забавни и без дијалог. Музиката за цртаниот филм ја компонирал Скот Бредли, а прочуениот човечки врисок на Том го овековечил лично Хана.
Во почетоците Том и Џери ја делеле контроверзната судбината со други анимирани ликови
Голем број на анимирани филмови и серии создадени во периодот на1940-тите, 1950-тите и 1960-тите години, па и „Том и Џери“ во подоцнежните години важеле за политички некоректни. Тоа се однесувало барем за 24 епизоди кои се оценети дека имаат елементи на расизам. На пример, тука спаѓаат епизодите во кои после некоја експлозија лицата стануваат црни. Во некои земји овие сцени се исечени од цртаните, а во некои, пак, се задржани. Исто така и ликот на Бабата се смета за расистички, бидејќи таа е прикажана како сиромашна црна жена која се плаши од глувци. Затоа, во средината на 1990-тите години беа преснимани нејзините реплики, овојпат со гласот на Тарнер, за да звучат помалку стереотипно (беа направени со ирски акцент). Епизодата „Неговиот глувчешки петок“, пак, речиси воопшто не се прикажува на телевизија поради човекојадците. Дури и кога се прикажува, дијалозите на човекојадците се извадени од звучната лента.
Од друга страна, пак, самите измени во оригиналните цртани филмови се исто толку контроверзни, бидејќи се одзема дел од оригиналното уметничко дело поради кое цртаните всушност станале популарни. Репликите на Бабата се сметаат за расистички и стереотипни, но треба да се има предвид дека гласот го позајмува Лилиен Рендолф, една од малкуте уметници со африканско потекло кои во тоа време биле вработени во забавната индустрија.
За осум децении седум оскари
Оригиналната серија остана запаметена по тоа што беше добитник на седум Оскари за најдобар краток анимиран филм и го дели првото место по бројот на добиени статуетки во оваа категорија заедно со серијата цртани филмови „Смешна симфонија“ на Волт Дизни. Покрај тоа, запаметена е и по најпознатото и најдолготрајното соперништво во историјата на американската кинематографија. „Том и Џери“ има публика низ целиот свет, серијата ја сакаат и млади и стари. Во 2000 година магазинот Тајм ја вброи оваа серија меѓу најдобрите телевизиски програми на сите времиња.
Кои се Том и Џери?
Скоро и да не постои човек кој изгледал една епизода од Том и Џери, а да не знае дека тие се главните ликови, што е и логично. Но тука се и Спајк и Тајк, Буч и Тудлз Галор, Бабата, Пуфче, Ква-Ква и уште многу епизодни ликови.
Том е типично американско име за мачор, а покрај тоа ликот на Силвестер од цртаните филмови на Ворнер Брос во почетокот се викал Томас. Во првата епизода, „Мачорот добива отказ“, Том се викал Џаспер, а Џери бил Џинкс. Том е многу избувлив и лесно се лути, додека симпатичното глувче Џери е независно и ја користи секоја шанса што ќе му се укаже. Џери исто така е неверојатно силен за неговата големина, па може да подигне чекан со голема леснотија, а и да ги поднесе силните удари од истиот.
Иако се очекува мачорот да го изеде глувчето, сепак, Том ретко се обидува да го изеде Џери. Иако е мошне енергичен и решителен, Том не може против паметниот и досетлив Џери. Вообичаено, на крајот на секоја епизода Џери излегува како победник, а Том е прикажан како губитник. Но, постојат и епизоди кога Том победува, обично кога Џери е тој што напаѓа или претерува во своето однесување. Најдобар пример за ова е епизодата „Мачорот милионер“, каде Џери, откако дознава дека Том ќе го изгуби богатството ако нападне некое животно, почнува да го нервира сè додека на Том не му пукне филмот и не го нападне. Понекогаш, пак, и двајцата губат, обично кога Џери ќе се фати во сопствената стапица, откако претходно се фатил и Том.
Не ретко на крајот тие стануваат пријатели, но секогаш нешто се случува и Том пак почнува да го брка Џери. И двата лика уживаат да го мачат другиот, но кога некој од нив се наоѓа во смртна опасност, било да е тоа во некоја опасна ситуација или поради некој трет лик, другиот секогаш го спасува.
Од цртежи до главни „херои“ на ТВ екраните
Почнувајќи од 1965 година, серијалот на Хана и Барбера почна да се прикажува на телевизија во видоизменета форма. Беше побарано од тимот на Џоунс да ја извади Бабата од сите епизоди во кои ја има.
Во повеќето епизоди беше заменета со слична дебела бела Иркиња, а понекогаш со витка тинејџерка. И на двата лика гласот им го позајмува Џун Фореј. Сепак, во некои понови ТВ- изданија, како и на верзиите кои се прикажуваат на каналот Бумеранг, Бабата сѐ уште постои, но со поинаков, помалку стереотипен глас.
Растеа Том и Џери, растеа многу деца
Кај сега големите деца сигурно се буди носталгија за едно време кога единствена грижа беше да дојде времето да се пушти телевизорот и да почне една од епизодите на Том и Џери. Сега кога имаме и интернет и технологија, ајде да не чекаме на ТВ екран, да се потсетиме на првата епизода од неповторливата анимирана нема серија „Том и Џери“.
Подгответе пуканки и евоцирајте спомени: