The Zone of Interest: Тивката Баналност на Злото

Филмот The Zone of Interest во режија на британскиот филмски автор Џонатан Глејзер постигна значителен успех на престижните филмски фестивали и освои повеќе битни награди. На 96-тите Оскари, филмот освои две статуетки-за најдобар меѓународен филм и за најдобар звук, а беше номиниран во уште три категории.

Џонатан Глејзер со The Zone of Interest создаде едно од највознемирувачките и интелигентно осмислените филмски остварувања во последните години. Овој филм радикално го преиспитува начинот на кој кинематографијата се занимава со Холокаустот а истовремено ја разоткрива суштината на злото во неговата најсуптилна и најбанална форма – како нешто што може да коегзистира со обичниот, секојдневен живот.

Наместо да се фокусира на директни сцени на насилство, Глејзер ја поставува приказната во домот на Рудолф Хес (Кристијан Фридел), командантот на Аушвиц, и неговата сопруга Хедвиг (Сандра Хулер). Ова е семејство кое живее во илузијата на нормалност, уживајќи во градината, семејните оброци и сончевите денови, додека само неколку метри подалеку се одвиваат незамисливи злосторства.

Автентична фотографија на семејството Хес кое ужива во вилата до Аушвиц

Глејзер го користи концептот на negative space – не го прикажува директно ужасот, но го прави уште поприметлив, поосетлив преку звукот, преку суптилни навестувања во кадрите, преку сликата на луѓе кои свесно одбираат да не гледаат. Звукот на согорени тела, крици што доаѓаат од зад ѕидовите, чадот што постојано се издигнува на хоризонтот – тие се тука, но остануваат дел од позадината на приказната, на ист начин на кој злото често останува незабележано во секојдневниот живот.

Она што го прави The Zone of Interest уште посилен е авторскиот избор да не се прикаже трагедијата преку традиционални наративни средства. Глејзер не создава емпатија преку индивидуални приказни на жртвите – напротив, ги игнорира како што ги игнорираат и самите џелати. Наместо тоа, камерата останува студено дистанцирана, ги набљудува ситните интриги на семејството Хес, нивните површни грижи, нивната фригидна рутина.

Музиката на Мика Леви ја дополнува оваа атмосфера со индустриски, апстрактни тонови кои предизвикуваат чувство на тешкотија и дисонанца. Глејзер не бара од гледачот да биде сведок на насилството – тој бара од него да го почувствува одбивањето да се погледне и сочуствува, што е можеби уште поужасно.

Историјата не е нешто што постои само во архивите – злото не е апстрактен концепт од минатото. Денешниот свет е исполнет со своевидни зони на интерес, со тивки, бирократски машини на насилство што продолжуваат да функционираат додека ние, зафатени со сопствените животи, удобно ги игнорираме.

Во време на нови конфликти, на систематски репресии и масовни страдања, The Zone of Interest служи како предупредување – дека молчењето и незаинтересираноста се исто толку опасни како и самото злосторство. Режисерот Глејзер и авторскиот тим  создадоа бескомпромисно филмско дело што укажува на горчливата вистина: злото не секогаш доаѓа во форма на монструозност. Понекогаш, доаѓа во форма на нормалност, на одбивање да се прекине удобноста, на затворени очи и свесно свртен поглед. А тоа е нешто што не смееме да го дозволиме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни