Сараево ова лето ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани во регионот, откако легендарниот бенд The Prodigy официјално го потврди својот концерт на 13 август 2026 година на стадионот Грбавица.
Настапот се организира во рамки на нивната актуелна турнеја, а зад продукцијата стои колективот Garden of Dreams, кој во последните години стои зад големи музички проекти во градот.
Овој концерт се смета за еден од најзначајните културни настани во Сараево во поново време, особено затоа што градот ретко има можност да угости глобални музички имиња од ваков калибар. Според најавите, ова би можел да биде најголемиот концерт на меѓународен изведувач во градот по настапот на U2 во 1997 година.
The Prodigy важат за еден од највлијателните бендови во историјата на електронската музика, со хитови како „Firestarter“, „Breathe“ и „Voodoo People“, кои оставија силен печат врз цели генерации.
Иако бендот продолжува да настапува без фронтменот Keith Flint, кој почина во 2019 година, нивната енергија на сцена останува препознатлива, што го потврдуваат и настапите на големи европски фестивали во последните години.
Продажбата на билети започнува во две фази – претпродажба од 16 април, а редовната продажба стартува од 18 април, што веќе предизвикува голем интерес кај публиката во регионот.
Со овој концерт, Сараево повторно се позиционира како важна точка на мапата за големи музички настани, а 13 август се најавува како датум што ќе го одбележи летото во регионот.