Почнува одбројувањето до The Economist MeetUp: Светот во 2026

Регионалните бизнис лидери, иноватори и носители на одлуки на една сцена во Скопје

Дали сме подготвени за свет во кој вештачката интелигенција не само што дава информации, туку и автономно извршува задачи? Како компаниите ќе го задржат талентот кога платата повеќе не е единствениот мотиватор? И зошто финансиската писменост станува прашање на национална безбедност?

Одговорите на овие прашања ќе бидат во фокусот на претстојниот The Economist MeetUp, кој под мотото „Светот во 2026“, на 18 декември 2025 година, ќе ги собере водечките бизнис лидери, иноватори и носители на одлуки од Југоисточна Европа. Настанот повторно се позиционира како еден од најпрестижните регионални форуми за економска стратегија и визија за иднината.

Овогодинешното издание ќе понуди платформа за дебата околу четирите клучни столба на развојот во наредниот период: луѓе, дигитализација, индустрија и финансии, со фокус на практични решенија, а не само на прогнози.

Регионална елита на една сцена

Ексклузивноста на конференцијата ја потврдуваат и тројцата keynote говорници, кои доаѓаат од самиот врв на регионалната и глобалната бизнис сцена. Немања Мариновиќ од ArcelorMittal ќе зборува од перспектива на лидер во челичната индустрија и глобалната економија. Саша Поповиќ од Vega IT, еден од најуспешните технолошки претприемачи на Балканот, ќе ја отвори темата за дигиталната трансформација и растот на ИТ секторот, додека Драган Филиповиќ од Generali Osiguranje Srbija ќе даде увид во стратешките предизвици во финансиите и осигурувањето.

Финансии, безбедност и дигитална иднина

Покрај регионалните лидери, на сцената ќе настапат и експерти кои веќе ја имплементираат иднината во своето работење. Иван Ивановски од PrimeClass & Prime Capital ќе зборува за финансиската независност и значењето на длабокото разбирање на капиталот, потенцирајќи дека иднината им припаѓа на оние што размислуваат стратешки.

Во контекст на инфраструктурната стабилност, Филомена Пљаковска Аспровска од КаСис ќе ја отвори темата за сајбер безбедноста како прашање од национално значење, а не само како технички предизвик. За улогата на вработените во градењето силни компании ќе говори Тони Јанковски од Diners Club, додека Бјанка Катру од М Кеш ќе се осврне на финтек револуцијата и брзиот пристап до капитал. Финансиската слика ќе ја заокружи Катерина Бошевска од EOS Matrix, нагласувајќи ја потребата од европски стандарди во наплатата како предуслов за здрав економски систем.

Луѓе и технологија: кадар подготвен за 2026

Еден од клучните предизвици за 2026 година ќе биде односот меѓу технологијата и човечкиот капитал. Ведран Бајер од Wonderful ќе презентира визија за „длабока локализација“ и најави за AI агенти кои автономно решаваат задачи, додека Валентина Тасева од Семос Едукација ќе зборува за трансформацијата на образованието и новите вештини потребни во ера каде што вештачката интелигенција станува дел од секојдневието.

Како одговор на недостигот од талент, Владимир Стефановски од Kiel ќе го сподели моделот на градење локален кадар преку култура и доверба, а Павле Зимбаковски, тренер за професионален развој, ќе се осврне на значењето на организациската култура, припадноста и јасните принципи на функционирање.

Индустрија и одржливост

Во индустрискиот сегмент, фокусот ќе биде ставен на големите системи како носители на одржливите практики. Ивица Карапетров од Бучим ќе зборува за системски пристап кон одржливото управување, додека Стевчо Ристески од A1 Телеком ќе ја истакне важноста на робусната дигитална инфраструктура како основа за сите паметни и одржливи решенија.

„Светот во 2026 година нема да го наградува просекот. Со овој MeetUp сакаме да го преместиме фокусот од преживување на промените кон дизајнирање на иднината“, порачуваат организаторите, додавајќи дека настанот и годинава ќе биде место за размена на идеи и воспоставување соработки кои ќе ја одбележат следната деценија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни