„The Åre Murders“ – новата скандинавска мистерија што ќе ве опседне

Љубителите на трилери и крими-серии добро знаат дека Скандинавците се вистински мајстори на овој жанр, а најновата Нетфликс мини-серија е уште еден доказ за тоа.

На платформата пристигна „The Åre Murders“, а големи се шансите ова да стане вашата нова омилена серија. Иако премиерно беше прикажана на 6 февруари, веќе се искачи на првото место на листата на најгледани наслови во Србија, пишува Index.hr.

За што станува збор?

Мини-серијата е базирана на популарните книги на шведската писателка Вивека Стен. Ја следи приказната на полицајката Хана Ахландер (Карла Сен), која доаѓа во викендичката на својата сестра во познатото скијачко место Оре за да си го среди животот по суспензијата од работа во Стокхолм и раскинувањето со партнерот.

Но, наместо мир и одмор, ја пречекува нова мистерија – млада девојка исчезнува по вечерната забава за празникот на Света Луција, традиционален шведски фестивал на светлината.

Хана не може да остане настрана од случајот и наскоро почнува да соработува со локалната полиција, обединувајќи сили со искусниот детектив Даниел Линдког (Кардо Разази) во потрага по вистината.

Два случаи во пет епизоди

Доколку сакате нордиски криминалистички приказни, а ви се допаднале серии како „A Nearly Normal Family“ и „The Breakthrough“, или едноставно барате напната приказна што ќе ве залепи за екран, „The Åre Murders“ е вистинскиот избор.

Серијата ги има сите елементи на класичниот нордиски ноар – снежен мал град, неочекувани пресврти, скриени тајни што излегуваат на виделина во најнепредвидливи моменти, како и ликови кои се борат со сопствените демони.

Приказната комбинира две книги во пет епизоди (во траење од 35 до 55 минути), а овој формат се покажал како полн погодок. Динамичното темпо, шокантните откритија во секоја епизода и константната напнатост ја прават серијата неверојатно возбудлива.

Првите три епизоди формираат самостојна наративна целина под името „Hidden in Snow“, додека последните две, „Hidden in Shadows“, носат нов случај на убиство во Оре.

„Се надевам на втора сезона“, „Одлична серија“, „Напната и возбудлива“ – ова се само дел од коментарите на гледачите во групата Netflix Bangers на Фејсбук.

Со својата студена, но преубава скандинавска атмосфера, одлични актерски изведби и мајсторски раскажана мистерија, „The Åre Murders“ е серија што нема да можете да престанете да ја гледате.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни