Полицијата во Тетово пронајде повредено куче во багажник на автомобил при сообраќајна контрола, при што беа приведени тројца млади лица.
Вчеравечер околу 22 часот, на локалниот пат кон селото Камењане, полициски службеници од Полициското одделение Камењане запреле патничко возило „голф“ со тетовски регистарски таблички.
Возилото го управувал 19-годишен жител на селото Озормиште, кој, според полицијата, не поседувал возачка дозвола.
При извршениот преглед, во багажникот било пронајдено повредено куче од расата пит бул. Лицата во возилото изјавиле дека кучето било повредено во борба со други кучиња во селото Камењане.
Заедно со возачот, приведени се и двајца 17-годишни сопатници од селото Желино.
За случајот бил известен ветеринарен инспектор, а надлежните институции преземаат мерки за соодветно лекување на животното и целосно документирање на настанот.
По завршување на постапката, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.