Во десет општини низ Србија денеска се одржуваат локални избори, но нивното значење одамна ја надминува локалната политика, тие се директен тест за политичката стабилност и поддршката на претседателот Александар Вучиќ.
Изборите доаѓаат по турбулентна година обележана со масовни протести и силни критики за корупција, особено по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во 2024 година. Токму студентскиот и граѓанскиот активизам се појавува како нов фактор што може да го наруши доминантното влијание на владејачката Српска напредна странка.
Право на глас имаат околу 248 илјади граѓани, кои избираат меѓу 50 изборни листи – од владејачките партии до опозициски коалиции и граѓански иницијативи. Во кампањата, самиот Вучиќ беше силно вклучен, посетувајќи ги сите општини и ветувајќи инфраструктурни проекти, нови работни места и подобар животен стандард.
Сепак, опозицијата и дел од меѓународната заедница предупредуваат на нерамноправни услови, посочувајќи на т.н. „функционерска кампања“ и доминација на власта во медиумите. Овие избори затоа се гледаат како важен показател – не само за локалната власт, туку и за насоката во која се движи српската демократија.