Тесно помина референдумот во Молдавија за членство во ЕУ, претседателката со обвинувања за руско мешање

Молдавците рекоа „да“ на референдумот за членство на нивната држава во ЕУ, соопшти Државната изборна комисија, во гласање кое според многумина беше нарушено со наводите за руско мешање.
Фото: Facebook

Со речиси сите преброени гласови, „за“ гласале 50,39 отсто од граѓаните, додека таборот „не“ –изнесуваше 49,61 отсто, според резултатите објавени од изборната комисија.

Во меѓувреме, портпарол на ЕУ рече дека референдумот во Молдавија за пристапување во ЕУ се случил со „мешање без преседан“ од Русија или нејзините полномошници.

„Молдавија се соочуваше со навистина невидено заплашување и странско мешање од страна на Русија и нејзините полномошници пред ова гласање“, рече портпаролот.

Референдумот се случи заедно со претседателските избори во земјата, каде што актуелната, прозападна претседателка Маја Санду, победи во првиот круг, но и обвини дека имало напад врз слободата и демократијата во земјата.

Аналитичарите велат дека гласачките ливчиња од дијаспората во голема мера биле про-ЕУ и биле пребројувани на крајот, поради што се случи пресврт во резултатите..

Иако далеку од голем успех, резултатите работат во корист на актуелната про-ЕУ претседателка Санду, која се кандидираше на изборите во неделата за да ја задржи својата функција. Според првичните резултати таа имаше 41,91 отсто од гласовите со преброени 97,7 отсто.

Референдумот и претседателските избори се гледаат како тест за подготвеноста на длабоко поделената нација да одржува блиски врски со Русија или да започне со потенцијално долгиот процес на пристапување во ЕУ.

Главниот ривал на Санду на претседателските избори, поранешниот јавен обвинител Александр Стојаногло, имаше 26,32 отсто од гласовите, што го постави теренот за вториот круг на 3 ноември.

Стојаногло рече дека, доколку биде избран, ќе изгради „урамнотежена“ надворешна политика која ќе вклучува врски со ЕУ, САД, Русија и Кина.

Во изјавата за Молдавците, Санду доцна во неделата рече дека има „јасни докази“ дека криминалните групи кои работат заедно со странски сили непријателски на интересите на Молдавија се обидуваат да поткупат 300.000 гласови, нешто што таа го нарече „измама од невидени размери“.

Предизборниот период беше засенет од голем број наводи за мешање во изборите од страна на бегалецот Илан Шор, кој живее во Русија. Москва негираше дека се меша, додека Шор негира дека сторил нешто лошо.

Претходно овој месец, молдавската полиција го обвини Шор, осуден во отсуство за измама и кражба, дека се обидел да се исплати на мрежата од најмалку 130.000 гласачи да гласаат „не“ и да го поддржат „неговиот кандидат“ на изборите.

Шор отворено понуди на социјалните мрежи да им плати на Молдавците за да ги убеди другите да гласаат на одреден начин и рече дека е легитимна употреба на парите што ги заработил.

Во раните утрински часови во понеделникот, тој рече дека Молдавците гласале против референдумот. „Денеска ви честитам, ја изгубивте битката“, додаде тој, обраќајќи му се на Санду едноставно како Маја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни